Граѓаните гладни, владите во паника: Инфлацијата ги празни трпезите низ Источна Европа

Потрошувачката кошничка останува полупразна - Фотографија ЕПА, Енди Рејн

Поскапувањата ја намалија куповната моќ на граѓаните низ цела Европа, но проблемот на инфлацијата особено тешко ги погоди земјите од поранешниот источен блок, во кои семејните приходи и онака се значително пониски во споредба со западноевропските

Владите на земјите во централноевропските и источноевропските земји размислуваат да спроведат мерки од своето комунистичко минато при настојувањето да го стивнат гневот на граѓаните поради поскапувањето на храната како последица на инфлацијата.

Поскапувањата ја намалија куповната моќ на граѓаните низ цела Европа, но проблемот на инфлацијата особено тешко ги погоди земјите од поранешниот источен блок, во кои семејните приходи и онака се значително пониски во споредба со западноевропските. Во ноември просечната цена на храната и безалкохолните пијалоци низ Европската Унија била за 2,9 отсто повисока во споредба со истиот месец претходната година, според податоци од агенцијата Евростат. Но, во земјите од Централна и од Источна Европа цените се зголемени двојно повеќе – за 6,8 во Бугарија, за 6,2 отсто во Романија, за 6,1 отсто во Полска или за 5,4 отсто во Унгарија.

Освен за граѓаните, поскапувањата се силен удар и за лидерите што наскоро ќе побараат доверба за нов мандат. Унгарскиот премиер Виктор Орбан во април на избори ќе ги одмери силите со опозицијата, која овој пат настапува здружена против него. И полската владејачка партија Право и правда веќе се подготвува за избори што би се одржале в година, ако во меѓувреме кризата не го распадне сојузот со потенцијално непредвидливите коалициски партнери.

За да спречи ерупција на незадоволство на гласачите, унгарскиот премиер Орбан неодамна објави дека цените на основните прехранбени производи – брашното, маслото, млекото, шеќерот, како и свинското и пилешкото месо – да бидат замрзнати на нивото од октомври минатата година.

– Унгарија мора да се движи напред, не назад – изјави Орбан, најавувајќи дека „мерката ќе им помогне на унгарските семејства“.

Опозицискиот лидер Петер Марки-Зај веднаш го осуди потегот на Орбан, оценувајќи го како „задоцнет“ и како „признание дека економијата на Унгарија е во трагична состојба“.

Слични ограничувања на цените на лебот, шеќерот и маслото воведоа и Северна Македонија и Србија, но во Полска се разгледуваат и далеку поекстремни сценарија. Пратеникот Кажимјеж Смолински од владејачката партија Право и правда (ПиС) предизвикаа бура кога предложи властите да ја преземат регулацијата на цените на основните производи. Опозицијата реагираше дека таква мерка спроведувале властите во комунистичкиот режим, кој одамна е отфрлен, по што владата јавно го отфрли предлогот на Смолински. Опозицијата, сепак, веќе го користи предлогот во политичката кампања, истакнувајќи пароли „ПиС – поскапувања“.

Во Романија, државниот секретар за земјоделство Мариус Мицу уште пред неколку месеци изјави дека „владата ја разгледува можноста за интервенции“, но додаде дека „тоа е тешко во систем на слободен пазар“.

Поради низа фактори и сплет на околности властите навистина се ограничени во капацитетите да се борат против поскапувањата на храната. Експертите, пак, предупредуваат дека поради очекуваните кризи во производството и глобалната дистрибуција цените на храната уште повеќе ќе се зголемуваат во претстојните месеци.

Организацијата на ОН за храна и земјоделство објави дека глобалната цена на храната во 2021 година достигнала десетгодишен рекорд, поради зголемената побарувачка и ограничените резерви на разни прехранбени производи. За кризата придонесле и болестите меѓу добитокот, како африканската свинска чума или птичјиот грип. Цената ја зголемиле и потребата за поголема работна сила, како и екстремните временски услови во најголемите производители.

Централноевропските и источноевропските земји вообичаено имаат пониска цена на основните прехранбени производи од западните, но не значи дека полесно ќе поминат низ кризата. Податоци од Евростат потврдуваат дека жителите на источните земји издвојуваат поголеми суми од своите семејни буџети за да се прехранат. На храна завршуваат 16 отсто од семејните буџети во Полска и во Унгарија, 19 отсто во Бугарија и дури 25,1 отсто во Романија, што е највисокото ниво во Европската Унија. Просекот во Европа во 2020 година бил 13,5 отсто.

– Поскапувањето на храната претставува посилен удар во Романија, каде што просечните приходи се меѓу најниските во Европа. Ударот е силен бидејќи просечниот романски потрошувач мора да издвои поголем дел од своите приходи за да ја наполни кошничката со основни производи – вели Јонут Думитру, главен економист во „Рајфајзен банката“ во Романија.

Јакуб Олипра, економист од полската филијала на банката „Кредит агрикол“, укажува дека поскапувањата се посилен удар во земјите што се привикнати на поевтина храна.

На инфлациската криза се надоврзува и енергетската, која ја вивна цената на природниот гас. Тоа силно ги погоди фармерите, поради тоа што гасот е важен елемент во азотното ѓубриво што го користат. Тоа, пак, влијае за зголемување на цената на храната. Енергетскиот шок е голем товар и за индустријата за преработка на храната.

– Земете го лебот, на пример. Цената на гасот и цената на житото се фактори што директно ја одредуваат цената на лебот. Невозможно е храната да не поскапи ако се зголеми цената на енергијата – објаснува Думитру.

Војчех Били, претставник на Министерството за земјоделство на Чешка, предупредува на уште поголеми поскапувања на храната во 2022 и во 2023 година поради долгорочните договори на производители на храна за обезбедување енергија.

– Поскапе и бајатиот леб што го купувам за да хранам гулаби. Кошничката останува полупразна. Гледате во сметката и не ви е јасно на што сте ги потрошиле парите – вели Камелија Антонеску, хигиеничарка во приватна болница во Букурешт.

Романија, Чешка, па и Полска, разгледуваат можност за намалување на данокот на додадена вредност за струјата и за гасот, што индиректно би ја спуштило цената на храната во супермаркетите. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки дури побара целосно укинување на ДДВ за храната и за ѓубривата. Министрите за финансии на ЕУ во декември се договорија владите, во строго определени услови, да имаат можност да ги спуштат до нула даноците за храна. Моравјецки побара овој предлог да може итно да се применува, пред официјално да стапи на сила.

Моравјецки предложи и цел спектар други идеи за да им се помогне на граѓаните. Полскиот премиер предложи и помош за загрозените семејства во висина од 400 до 1.437 злоти (88 до 317 евра), во зависност од големината на семејството и просечните месечни примања.

Опозицијата го обвинува премиерот дека е „одлепен од реалноста“ и дека воопшто не ја знае маката на граѓаните, повикувајќи се на едно телевизиско интервју, на кое на прашањето колку чини векна леб не знаеше да даде одговор.

На спротивната крајност, Јоана Серафин-Ангузу од Варшава раскажува дека имала кошмари поради поскапувањето на лебот „чалка“ од 4,60 на 5,80 злоти во период од две години.

– Не знам дали повеќе ми е страв од кошмарот или од приказните на другите луѓе, кои велат дека одат на пазарење со вреќи полни пари – вели Серафин-Ангузу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот