Граѓаните ги труе отровниот чад од дупката во прописите

Загадување, Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Им прогледува ли државата низ прсти на големите загадувачи за некои повисоки интереси кога им издава интегрирани еколошки дозволи и како тогаш се штитат интересите на граѓаните? Примерите како оној со кочанската фабрика за производство на хартија „Пејпер мил“, која континуирано го загадува воздухот во Кочанскиот регион, иако поседува уредно издадена еколошка дозвола, фрлаат поинакво светло на еколошките дозволи, според кои се пропишува како компаниите треба да работат и колку смеат да загадуваат.

Иако А-дозволите законски се наменети за големи загадувачи, сепак во нив честопати им се даваат полабави обврски во поглед на ограничувањето на загадувањето. Во случајот со „Пејпер мил“ се предвидени гранични вредности на загадувањето многу над европските стандарди, а не е предвиден ниту автоматски мониторинг.

А-интегрираните еколошки дозволи ги издава Министерството за животна средина и во нив се пропишува колкав степен на загадување ќе се толерира кај секој субјект, односно загадувач. Минатиот месец, откако граѓаните на Кочани упорно се жалеа на смрдеа и чад од фабриката за хартија, и вонредниот инспекциски надзор покажа дека таа навистина енормно загадува.

Од Инспекторатот потврдија дека направените мерења од акредитирана лабораторија за животна средина „SGS Бугарија EOOD“ во почетокот на септември покажале дека јаглеродниот моноксид има зголемена вредност 3.422 mg/Nm3, додека пак еколошката дозвола пропишува 500 mg/m3. Надминување на вредностите на јаглеродниот моноксид беа утврдени и во јули годинава, кога анализите ги правеше друга акредитираната лабораторија, „Еуромак контрол“ од Скопје. Тогаш имаше уште поголеми пречекорувања – 13. 598,3 милиграми на кубен метар. Тогаш Државниот инспекторат за животна средина ги задолжи надлежните од „Пејпер мил“ во наредните три месеца редовно да ги контролираат емисиите од фабричкиот оџак (според дозволата), но не и да ги намали емисиите на штетни материи во воздухот.

Од Министерството за екологија не одговорија директно на прашањето на „Слободен печат“ зошто фабриката не е обврзана да го намали загадувањето, туку само да го мониторира. Оттаму тврдат дека дозволата на „Пејпер мил“ е во согласност со националната и со европската регулатива во однос на индустриското загадување, додека граничните вредности на емисиите во воздух (ГВЕ), создадени од процесот на производство, се во согласност со Правилникот за гранични вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и пареи кои ги емитираат стационарните извори во воздухот.

Но, во европската Директива за квалитет на воздухот, донесена во 2008 година, стои дека количеството на јаглероден моноксид  е ограничено на максимални 10 милиграми на кубен метар во текот на осум часа. Домашната регулатива, пак, границата на присуството на отровниот јаглероден моноксид го има поставено на дури 500 милиграми на кубен метар.

Иако првобитно ја отфрли, Основното јавно обвинителство од Кочани, по налог на вишото Обвинителство од Штип ќе мора повторно да се позанимава со кривичната пријава против фабриката што пред неколку месеци ја поднесе граѓанската организација Грин.орг од Кочани поради „загадување на животната средина и природата“.

Граѓанските здруженија од Кочани бараат државата да ја натера фабриката да го намали загадувањето, а дотогаш да го користи котелот на природен гас. Од фабриката, пак, уште лани излегоа со став дека им е економски неисплатливо целосно да работат на овој енергенс туку инсистираа на тоа да им се дозволи да користат горилник на пелети, иако повеќепати имаа дефекти на филтрите.

– Не може на еден таков голем загадувач да му се дозволи да нема стандардизиран автоматски мониторинг систем, кој ќе испраќа во живо податоци од своите емисии и врз основа на кои инспекторите ќе имаат увид во пречекорувањата, па според нив ќе определат колку често ќе ги контролираат – вели Тони Никушевски, еко-активист.

Во Министерството за животна средина сметаат дека е доволно тоа што Државниот инспекторат има обврска да ја следи усогласеноста на сите поставени услови во дозволата преку редовни и вонредни инспекциски надзори и согласно наодите на терен да констатира дали операторот ги исполнува преземените обврски од дозволата.

До кога ќе се толерира загадувањето?

– Со тоа што на „Пејпер мил“ му е дадена горна граница од 500 милиграми дозволено загадување покажува дека државата со години дозволува фабриката да го загрозува здравјето на кочанчани. Нѐ интересира поради што се толерира оваа фабрика поради која Кочани е на врвот од списокот од најзагадени градови и дали некој од надлежните ќе почне да постапува законски, пред сѐ поради здравјето на граѓаните. Она што се случува со оваа фабрика и порастот на респираторни болести во градот е без преседан и не знаеме што уште треба уште за да се докаже дека загадува – вели Ана Симонова од граѓанското еколошко здружение „Грин.Орг“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот