Граѓаните бараат решение за проблемот: Сѐ повеќе кучиња завршуваат на скопските улици – до кога вака?

Кучиња / ФОТО: Слободен печат - Слободан Ѓуриќ

Активистите од „Зелен хуман град“ велат дека всушност со години само се справуваме со последиците, замачкуваме симптом, се убиваат животни, страдаат граѓаните, се трошат енормни пари, но не се третираат причините, изворот на проблемот, а тоа се неодговорното сопствеништво, размножувањето и напуштањето.

Скопје се соочува со неприроден прилив на улични кучиња на одредени локации, предупредија неодамна од ЈП „Лајка“. Оттаму објаснија дека станува збор за локации каде што претпријатието има прецизен увид на постојниот број кучиња што веќе се стерилизирани, што според нив укажува на тоа дека станува збор за организирано дислоцирање на кучиња, при што често тоа се големи раси на кучиња. Голем дел од нив се недоверливи, што не е карактеристично за кучиња од градска средина.

На оваа појава веќе подолг период предупредуваат и граѓаните од разни делови на градот, но никој од надлежните, освен реакцијата на јавното претпријатие, не прави ништо да ја спречи оваа појава и да ги најде сторителите. Затоа, пак, во одредени делови на градот стана речиси небезбедно движењето, особено во вечерните часови, поради глутниците кучиња што се движат по улиците. Дел од нив без препознатливата жолта ознака на едното уво, што покажува дека кучето го поминало хуманиот третман во „Лајка“. Таков е случајот и со неколкуте кучиња што деновиве можат да се забележат и на улицата Македонија во строгиот центар на градот.

И додека траат расправиите по социјалните мрежи меѓу оние што бараат да се најде решение за овој проблем и оние што сметаат дека на кучињата по улиците треба да им се даде парче леб и љубов за да бидат пријателски расположени, бројот на бездомни кучиња по улиците се зголемува.

Живеам во Карпош 1 и буквално секоја вечер ги слушам како лаат надвор, се движат во група по 15-ина кучиња. Тешко оној што ќе ги сретна по улиците навечер. Не верувам дека некогаш ќе се реши овој проблем, навистина не верувам, затоа што во Скопје се истоваруваат и бездомни кучиња од други градови. Јас сум голем љубител на животни, имам и јас милениче, но вака без контрола толку кучиња по улиците, и тоа некои од нив сериозно големи, е застрашувачки. Мора нешто да се направи, дали големи стационари, дали поголеми казни за оние што ќе го пуштат кучето на улица кое ќе им здодее дома, не знам, но вака каде? И задолжителна стерилизација на милениците мора да се воведе – вели Ана од Карпош.

Активистите од „Зелен хуман град“ велат дека всушност со години само се справуваме со последиците, замачкуваме симптом, се убиваат животни, страдаат граѓаните, се трошат енормни пари, но не се третираат причините, изворот на проблемот, а тоа се неодговорното сопствеништво, размножувањето и напуштањето.

Во 10 наврати доставуваме предлог-измени и дополненија на Законот за заштита и благосостојба на животните, усогласени со најуспешни ЕУ-практики, поддржани и од ЕУ-парламентарци, кои во континуитет се игнорирани, а кои дефинираат мерки за контрола, сузбивање, надминување на проблемот – информираат од ЗХГ.

Според нив основно е да се воведе законска забрана за размножување на кучињата, освен во случај на регистрирана одгледувачница, регулирање и воведување данок за таа дејност, потоа законска забрана за напуштање миленик и задолжително регистрирање со микро чип на животните од раѓање. На тој начин би се создала јавна и единствена база на податоци за домашни миленици, како и на кучињата што се користат при лов, а кои честопати се напуштаат или се подаруваат доколку не ги задоволуваат потребните стандарди.

Од ЗХГ сметаат дека мора да се воведе прецизна законска регулација на трговијата со домашни миленици во пет-шоповите и одгледувачниците.

Притоа од надлежните е неопходна сериозна, а не декларативна посветеност; Програми преку кои плански и во континуитет ќе се промовира/помогне вдомување, наместо купување миленик; воспоставување национален акт за унифицирање на програмата во сите прифатилишта во Македонија (залови – стерилизирај – вакцинирај – врати) но плански, брзо и масовно во размери што соодветствуваат со реалните потреби на општините; општините да овозможат субвенции/бесплатни кастрација и стерилизација на домашните миленици (ова би требало да биде национална програма); ригорозна контрола и санкции за напуштање и нерегистрирање миленици (редовно ажуриран и целосно исполнет Регистар на миленици); ригорозна контрола и регистрирање на одгледувачници; субвенции за стерилизација/кастрација; масовна институционална едукација за одговорно сопствеништво и вдомување наспроти купување миленик и затвор за сите организатори на борби со кучиња – предлагаат од „Зелен хуман град“.

Во изминатите години со бездомните кучиња во Скопје се занимава ЈП „Лајка“, но претпријатието нема ниту доволно финансиски средства, ниту доволно кадар, ни простор за да се справи со големиот наплив на кучиња по улиците. Постојат и неколку приватни стационари, со ограничени капацитети.

Што се однесува до другите градови во државата, стационари има во Гевгелија и во Струмица, како и Регионален центар за згрижување бездомни миленици и ветеринарно здравство „Шепа“ во Кавадарци, кој е отворен неодамна и во кој се згрижуваат и третираат бездомните кучиња од девет општини во регионот.

Некои општини проблемот го решаваат во договор со некоја ветеринарна установа, но во повеќето кучињата се оставени без грижа и контрола на улиците. Па така, одвреме-навреме за да си го решат проблемот, ги товараат во комбиња и ги растовараат во Скопје. Време е конечно некој да застане на парот на оваа лоша практика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот