Граѓаните бараат пристап до домовите, немаат трпение да заврши обновата на „Лука Геров“

Затворена улица стоп знак/ фото: МИА

Жителите за да си го решат проблемот на еден дел од улицата сами ги извадиле рабниците, па сега тие речиси 20 дена се оставени расфрлани покрај патот, поради што минувањето на овој дел од улицата стана небезбедно и за пешаците и за автомобилите.

Во населбата Даме Груев во тек е реконструкцијата на главната сообраќајница Лука Геров, која се обновува на потегот од надвозникот до воениот отпад.

Но, градежните работи им предизвикаа проблеми на тамошните жители, пред сè високите рабници на тротоарите, поради кои, како што велат, не можат да влезат ниту да излезат со автомобил од дворовите на своите куќи, а притоа да не го оштетат автомобилот.

-Жителите од улиците Лука Геров 3, 5, 7 се целосно оневозможени да излезат со своите возила веќе еден месец. Тоа е за секаква осуда – револтирано вели жител на општината.

Граѓаните за да си го решат проблемот, на еден дел од улицата сами ги извадиле рабниците, па сега тие речиси 20 дена се оставени расфрлани покрај патот, со длабока бразда на местото од каде што биле извадени, поради што минувањето на овој дел од улицата стана небезбедно и за пешаците и за автомобилите.

Неодамна жителите се обратиле до Општина Ѓорче Петров со барање да се тргнат високите рабници за тротоарите затоа што им ги блокираат влезовите во куќите, но откако оттаму не добиле одговор, излегоа на протест. Сепак, ситуацијата сè уште не е променета.

Во Општина Ѓорче Петров објаснуваат дека улицата Лука Геров не е во нивна надлежност туку на Град Скопје, чии екипи периодов работат на реконструкција на сообраќајницата која претходно беше во многу лоша состојба.

Улицата Лука Геров е најфреквентната сообраќајница во овој дел на градот која ги поврзува населбите Ѓорче Петров, Даме Груев, Ново Село, Кисела Јабука, Волково, Стопански двор, Орман, Никиштане, Кучково. По неа секојдневно минуваат илјадници луѓе за да стигнат до своите домови.

Реконструкцијата на улицата започна пред два месеца и како што беше тогаш најавено, треба да заврши до крајот на октомври или почетокот на ноември.

-Во моментов течат градежните работи за реконструкција на улицата Лука Геров во населбата Даме Груев, општина Ѓорче Петров, на потегот од надвозникот до воениот отпад. Предвидена е реконструкција на коловозот во вкупна должина од 1648 метри, реконструкција на тротоарот и реконструкција на атмосферската канализација во должина од 33 метри – велат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека на почетокот на улицата е забележано дека неколку рабници се отстранети од несовесни граѓани, но со оформувањето на улицата и завршувањето на градежните работи, рабниците ќе бидат нивелирани и нема да претставуваат проблем за граѓаните.

Вредноста на инвестицијата е околу 31,5 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на Град Скопје.

Видео на денот