Граѓани се жалат дека добиле помали субвенции за огревно дрво, од Општина Кисела Вода велат дека тоа е поради разликата меѓу метар должен и кубен

огревно дрво/ Фото: Слободен печат

Општина Кисела Вода, во обид да им помогне на граѓаните полесно да ја поминат зимата во време на енергетска криза, есенва објави јавен повик за субвенции за набавка на огревно дрво. По принципот прв дојден – прв услужен, односно сѐ додека не се исцрпат средствата во буџетот предвидени за таа намена, на граѓаните кои аплицираа требаше да им се исплаќаат по 500 денари субвенција за метар кубен  дрво и тоа најмногу за 10 кубика.

Жителите на Кисела Вода кои ги затоплуваат своите домови со дрва, се заинтересираа, аплицираа и добиваа субвенции. Според информациите од Општината одобрени биле над 400 барања.

Вкупно беа отворени 447, одобрени 434, додека 13 барања беа одбиени поради некомплетна документација. Останатите пристигнати барања не беа отворени заради запазување  на критериумот наведен во јавниот повик, дека селекцијата се правеше по принципот прв дојден – прв услужен, се до исцрпување на предвидените средства во висина од 1 200 000 денари – велат од Кисела Вода.

Но, дел од граѓаните кои ги добиле субвенциите тврдат дека им била исплатена помала сума од ветените 500 денари.

Кога ми ги исплатија парите наместо 500 денари за кубен метар добив по 350 денари. Навистина не ми е јасно како е одредена оваа сума, кога во јавниот повик си пишуваше конкретен износ од 500 денари – реагираше до нашата редакција жител на населбата Пинтија.

Од Општина Кисела Вода велат дека во целосно транспарентен процес извршиле исплата на апликантите за субвенција на огревно дрво, кои ги исполниле зададените критериуми на распишаниот оглас и притоа, најостро ги демантираат изјавите дека се исплаќале помалку средства за кубен метар огревно дрво. Сепак, како што велат пониска исплата имало кај некои граѓани поради разликата помеѓу метар кубен и должен.

 Како што беше наведено во јавниот повик, сите граѓани кои доставија доказ – потврда, испратница или официјален документ кој го потврдува купувањето на дрва за огрев во зададениот временски рок, добија по 500 денари за секој кубен метар. Проблемот, кој ви е пријавен, претпоставуваме, дека е поради тоа што во одредени белешки за откуп на дрва, количината беше наведена во должни метри, а не во кубни метри. Согласно методологијата за пресметка која ја прави „Македонски шуми“, еден должен метар одговара на 0.7 кубни метри, па веројатно затоа граѓаните сметаат дека им се исплатени помалку средства. Како илустрација, ако доставиле потврда за купени 10 должни метри, тие добиле исплата за 7 кубни метри. Ова е методологијата која ја користи и ЈП „Македонски шуми“ при продажбата и наплатата на огревното дрво – објаснуваат од Општина Кисела Вода.

Притоа, како што додаваат, исплатената сума подлежи и на персонален данок од 10 проценти, што е законска обврска за секој граѓанин.

Од Општината нагласуваат дека се отворени за граѓаните и дека нивните служби се тука за да дадат одговори на вакви и слични прашања од граѓаните во секое време. Конкретно за огревното дрво, информации може да се добијат на 02/2785427, но и електронски преку е-маил или преку социјалните мрежи на Општина Кисела Вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот