Граѓанско општество – страшило што сè уште кружи

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Минатата недела, сосема разбирливо (и предвидливо) поради разни „поважни“ настани, на сите ни „кидна“ една многу важна вест. Имено, министерката Радмила Шеќеринска изјави приближно вака: „Ставен е крај на прогонот на граѓанските организации, нарачан во Ноќта на долгите ножеви на режимот на Груевски“.

Воопшто не сакам да се навраќам на таа организирана хајка, но ред би било (а богами и фер!), да се вратиме уште еднаш на суштината: земја што се стреми за влез во Европа, не смее да помисли да репресира и да гони луѓе од граѓанското (цивилно!) општество. Но, ајде уште еднаш да се обидеме да разбереме, барем онолку колку што е можно.

Во 2016 година, Груевски направи хајка против невладините организации: покрај вербалната агресија и експлицитните закани, што уште имавме? Груевски граѓанското општество и невладините организации ги користеше како синоними, сè со цел, „институциите на системот“ да влезат во прогон на 22 јасно таргетирани организации и нивните формално-правни претставници. Груевски граѓанското општество го гледаше како „сушта“ спротивност на она што Македонија треба да биде.

Уште нешто: Груевски ја гледаше Македонија како нешто неспоиво со граѓанското општество. На крајот, тој лично се изедначуваше со Македонија, што инаку му беше манир, сосема во склад со метафората: „државата, тоа сум јас“, односно Никола Груевски се гадеше од граѓанското општество и од невладините организации.

Граѓанското ќе преживее

А сега, дозволете ми да го кажам тоа што ми се чини дека денес се заборава – граѓанското општество е сложен поим со богата историја. Како таков, граѓанското општество има своја дескриптивна, ама и своја нормативна страна. Да појдеме од дескриптивната и да кажеме веднаш: што и да мислеше Груевски, што и да мислеше секој еден релативно упатен граѓанин во оваа земја, Северна Македонија е граѓанско општество: додека сè уште нешто постои како олицетворение на модерна држава, оваа земја ќе биде граѓанско општество, во пркос на сите тоталитарни и диктаторски обиди, без разлика што некој денес мисли во владата, и без разлика кои им се намерите.

Во оној дел од оваа земја што припаѓа на цивилизираниот свет, Северна Македонија е граѓанско општество, иако во својата не така далечна историја падна во варварство, ама сепак, од тоа варварство оваа земја се подигна благодарение на цивилното и граѓанското општество. И актуелниот премиер нека го има ова на ум: граѓанското општество во оваа земја ќе преживее.

Натаму, чисто како пример: Зоран Заев е дел од граѓанското општество? Се разбира дека е, да речеме дека како обичен граѓанин се шета на улица, што значи дека се наоѓа на јавен простор, а не е на работа (што сепак би морале да ја замислиме таа ситуација, бидејќи во спротивно – тоа не би била нормална состојба), тој не може да биде ништо друго освен припадник на граѓанското општество, без разлика што за тоа мислел премиерот, или било кој друг висок функционер во оваа земја. Така што, кај нас сè уште кружи „баукот за граѓанското општество“. Од друга страна, сите граѓани и функционери, надвор од своите работни места, се дел од граѓанското општество.

Сосема едноставно да се изразам, во својата дескриптивна „денотација“, граѓанското општество е сè она што се однесува на колективниот живот на поединецот, граѓанското општество се однесува на заедница на слободни граѓани. Оттука, се воведува и поимот (и сфаќањето) на правната држава, така што граѓанското општество се однесува и на заедничкото делување на слободните граѓани врз основа на закони според кои се гарантирани човековите и политичките права, а со цел да се одбранат од злоупотреби кои се гарантирани од социјалните, политичките и економските права. Синдикатите се добар пример за таквото организирање (но, кај нас, тоа е голема и болна тема, за која не би сакал во овој текст да навлегувам).

Против тоталитаризмот

Граѓанското општество беше еден од клучните елементи за создавање модерна држава, им ја ограничуваше моќта на монархиите. На почетокот на модерното време, созреа свеста дека легитимна е онаа власт што му одговара на општото добро и го штити општото добро. Притоа, што е тоа „општо добро“ не одредува власта, туку за тоа се добива согласност внатре во граѓанското општество разменувајќи мислења на слободните граѓани. Легитимитетот не се формира од условите што власта ги наметнува, туку зависи непосредно од согласноста која се формира внатре во граѓанското општество.

После 17 и 18 век, следен важен период за граѓанското општество беше втората половина од 20 век за земјите од таканаречениот „источен блок“. И тогаш имаше властодршци што веруваа дека помеѓу приватниот домен и државата не смее да постојат простори за заедничко делување на слободните граѓани.

Со други зборови, секое јавно делување морало да се одвива под закрила и контрола на државата и нејзините институции. Меѓутоа, и денес поединци пронаоѓаат начин да формираат јавен простор за своето делување. Има еден брилијантен есеј на Вацлав Хавел, кој се нарекува „Моќ на немоќните“. Тоа е есеј за важноста на вистината и улогата на граѓанското општество во борбата против тоталитарните режими.

Да резимираме, Груевски беше евтин шибицар со уличарски манири, претседател на влада што наметна идеја дека невладините организации се странски агентури и платеници. Или во соголен превод: секој што зборува за слободата на граѓаните и нивната меѓусебна солидарност не е ништо друго освен – странски платеник. Од друга страна, секоја власт се стреми да биде тоталитарна и секој јавен простор сака да го контролира.

Мене, да бидам совршено искрен, не ме чуди што има во главите на лидерите, ме чуди што сè може да излезе од нивната уста во јавниот говор. На крајот, секој што ќе гони граѓани и граѓански организации, да се повикам на една слободарска традиција: смрди на нечовечност!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот