Граѓански здруженија и иницијативи со барање: Да се донесе закон со кој ќе се спречи изградба на нови хидроцентрали на Шара

Шар Планина (фото: Архива)

Четириесет и четири граѓански здруженија и иницијативи бараат закон кој ќе спречи изградба на нови хидроцентрали на Шар Планина, а од Министерството за животна средина, согласно член 97 од Законот за заштита на природа, да ја стави Шар Планина во привремена заштита.

Здруженијата потсетуваат дека на 20 ноември истече рокот за прибирање на коментари во врска со Нацрт-законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк. Според нив, доколку се усвои онака како што е предложен, овој закон ќе овозможи изградба на нови мали хидроцентрали на Шара во услови кога негативното влијание од постоечките хидроцентрали врз природните вредности, но и животот на локалното население, силно се чувствува.

– Доколку се реализираат зацртаните планови, во идниот национален парк ќе има најмалку 40 мали хидроцентрали. Имајќи предвид дека врз основа на овој закон ќе се изработи планот за управување со националниот парк, а кој се донесува за период од 10 години – Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, наместо долготрајна заштита, може да обезбеди законска рамка за долготрајно уништување, посочуваат здруженијата во заедничкото соопштение.

Со намера да се спречи усвојување на овој закон, овие граѓански здруженија и иницијативи испратија заеднички коментари до Министерството за животна средина. Тие бараат целосна ревизија на законот и негово усогласување со оваа определба, како и многу други стратегии, извештаи, кои исто така, како што појаснуваат во соопштение, предвидуваат крај на уништувањето на природата од страна на проектите за мали хидроцентрали.

– Сметаме дека закон кој овозможува продолжување на уништувањето на подрачјето кое го заштитува е спротивен на духот и целите на Законот за заштита на природата, од кој произлегува и кој би требало да го спроведе во практика, велат од здруженијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот