ГРАЃАНСКИ КУЛТУРЕН СЕКТОР: Без силни критички единки нема прогресивна култура

Прекаријатните и фриленсерските работни односи во културата на регионално ниво беа разгледани на симпозиумот „Прекаријатното во капиталистичката култура – Дали да продолжиме да живееме вака?“, а дел од заклучоците ни ги пренесува кураторката Ивана Васева.

Пред крајот на минатата година се одржа првиот интернационален симпозиум на една ургентна тема во културата, односно Симпозиум на размислување за иднината од перспектива на трудот „Прекаријатното во капиталистичката култура – Дали да продолжиме да живееме вака?“. Симпозиумот беше организиран од „Факултет за работи што не се учат“ во партнерство со „Локомотива“ – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и „Роза Луксембург Штифтунг“ – Југоисточна Европа, а куриран од Ивана Васева.

Какви беа заклучоците од симпозиумот? Кои се Вашите визии или решенија за проблемите што произлегуваат од прекаријатната работа? Ќе продолжите ли да живеете вака?

– Дефинитивно не се живее вака! Сè додека работните услови и работничките права на самостојните уметници и културни работници, или попознато речено фриленсерите и вонинституционалниот/ граѓанскиот сектор, не се регулирани, се невидливи и нивниот труд не е валоризиран како труд, е дозволено да згасне она што има субверзивен, еманципаторски и развоен потенцијал, кое е носител на современите уметнички парадигми и кое е критичко во општеството.

Она што може да се каже како заклучок од симпозиумот е дека, иако постојат многу заложби за подобри работнички услови и уметнички и културни практики и стратегии, кои можат да ја поддржат оваа борба во форма на протести, учества во креирањето на нови закони и регулативи, колективни договори и можни форми на синдикално здружување, уметнички проекти итн., сепак најдобрите стратегии се базирани на солидарност меѓу прекаријатните културни работници и работниците од сите полиња на трудот. Но, во земјава кога се мисли на системски промени во културата, сè уште првенствено се мисли само на брзопотезни решенија во институционалниот сектор и не се размислува на капиталистичките услови на работа и начинот на производство на културата. А едно е јасно, без силни критички културни единки нема култура која е прогресивна, а и нема општество кое е рамноправно и снажно да биде инспирација на светската сцена.

На симпозиумот присуствуваше и поранешната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска и ги слушна итните заложби на група културни работници, која со години активно работи на оваа проблематика, како Биљана Тануровска-Ќулавковски, Виолета Качакова, Филип Јовановски, Оливер Мусовиќ и јас. Нашите итни заложби се: донесување на новиот Закон за јавен интерес во културата, со што ќе се овозможи воведување на категоријата самостоен културен работник, доработка на „Правилникот за утврдување на критериумите за доделување на месечни надоместоци од средствата од Буџетот на Република Северна Македонија за придонесите за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и за персоналниот данок на доход“, со што ќе се воведат и новите професии (куратор, менаџер во културата, теоретичар во културата итн.), други типови поволности за самостојните уметници и културни работници, како и посебен колективен договор за нив и, на крајот, она што е навистина потребно – просечна нето-плата за овие работници.

На заложба на Мила Царовска, имавме и средба со министерот за култура Хусни Исмаили и ги претставивме овие барања, а како што дознавме, Законот за јавен интерес во културата е веќе во процедура на донесување. И ние зборувавме за колективен договор, но тоа се разговори што треба во наредниот период да ги интензивираме и се надеваме дека по три години активна работа, конечно ќе бидат сериозно земени предвид.

На дебатите во рамките на симпозиумот учествуваа 20-ина говорници (Фотографии: Александар Котевски и Никола Митревски)

Што точно значи прекаријатна работа? Колку луѓе/уметници се засегнати/принудени да работат на овој начин?

– Прекаријатната работа е макотрпна, но посветена работа на екстремно „ниски“ и сурови температури на неолибералниот кaпитализам, или преведено за секторот култура и уметност, експлоатација и маргинализација на културната работа, краткорочни договори за работа или неплатени ангажмани и нееднакви работни услови. Тоа може да биде тема за изложба или на симпозиум, но кога ќе се преведе во реалноста, јасна е разликата на вакуумскиот институционален простор наспроти оние што навистина работат изложени на „ниските“ температури. Проблемот е што сите сме во истата манџа подготвена од неолибералниот капитализам, а соработката е сведена на конкурентност и исклучување, ако не и деградирање на сериозноста на вонинституционалниот сектор, наместо вистинска соработка.

Во истражувањето што го почнавме со Виолета Качакова, резимиравме дека иако вонинституционалниот сектор во државава има можности за јавна финансиска поддршка на нивната работа, тоа е минимална поддршка и тоа само на проектно ниво, без структурна поддршка во вид на простор или долгорочни проекти, поддршка на човечки ресурси за нивно работење или на оперативни трошоци за работа. Самостојните уметници и културни работници се најчесто невработени и добиваат хонорари за својот професионален ангажман (без референтна вредност) или делуваат во рамки на здруженија на граѓани и културни друштва, самите овозможувајќи средства за функционирање, за разлика од уметниците и културните работници во институционалниот сектор, кои се вработени и целосно потпрени на државен буџет.

Добра работа е што постои систем од бенефиции за здравствено, пензиско и инвалидско осигурување и персонален данок на доход по основ просечна плата (без нето-плата) од Министерството за култура, кој се обновува секоја година, но него го користат само околу 100 уметници и не се вклучени професиите дефинирани под поимот на културни работници, кои се предвидени да се вклучат со усвојување на новиот Предлог-закон за јавен интерес во културата. Исто така, и покрај тоа што институционалниот сектор за култура има подобри услови за работа, дополнително постојат и синдикати, како СОНК и СКРМ, кои ги застапуваат нивните работнички права, а самостојните уметници и културни работници, сè уште, не се здружени во синдикат/агенција што ќе се бори за нивните работнички права.

Колку институциите и општеството го чувствуваат овој вид работа како проблем?

– Од мојата досегашна речиси 15-годишна работа на полето на културата и уметноста, а и од активностите само оваа година, кои беа насочени и кон соработка со институциите, покрај активностите во организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФР~У), а тоа се Министерство за култура – Закон за јавен интерес во културата преку иницијатива „Култура е насловна страна на секое општество“, МГС – „Оваа зграда зборува (на)вистина“, НГМ – групна изложба „Неименуваното е одговор“, МСУ – изложба „Трета страна на стварноста“, ми се чини дека институциите генерално се занимаваат, во различен капацитет, со еден свој сопствен проблем – како да ја реализираат својата замислена програма/агенда, без притоа да се размислува за пошироките импликации и одговорности што тоа го носи на сцената, но и на поширокото општество.

Погубно е кога не размислувајќи пошироко, програмско-идеолошки и идејно, потоа се соочуваме со наплив од притисоци за нови вработувања од незгрижените културни работници како итно решение на прекаријатните услови, а капацитетите се мали, оскудни и кратковизионерски. Наместо да се вложува во диверзификација на сцената, сè се стеснува на институционалниот сектор, кој е видлив за разлика од другиот, кој е целосно невидлив и со години само се бори за да опстане, па наместо да се соработува, поделбата меѓу двете „сцени“ сè повеќе се заострува. Нашата „паланка“ ќе биде на вистинскиот пат кога наместо да се креира само конкурентен однос, ќе овозможи учество на сите во него, со еднакви права и услови, соработка и заедничко работење, кои се, всушност, демократските вредности за кои сите се бориме.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ бр. 13, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 11/12 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот