ГРАЃАНИТЕ НЕЗАДОВОЛНИ: Лифтовите во катните гаражи не мрдаат

Фото: Катна гаража „Беко“/Слободен печат

Лифтовите во катната гаража „Беко“ се поправени и повторно пуштени во употреба, а до понеделник, според најавите, треба да проработат и лифтовите во „26 јули“, кои со месеци се вон употреба. Во гаражата „Разловечко востание“, која се наоѓа до паркингот кај „Холидеј ин“, само еден од четирите лифтови е во комплетно исправна состојба.

Катните гаражи во централното градско подрачје сè повеќе се користат од граѓаните поради недостигот од слободни паркинг-места, но и поради скапото зонско паркирање. Сепак, граѓаните со месеци наназад реагираат затоа во овие три катни паркиралишта не работеа лифтовите.

– Во катните гаражи не паркираат само млади и здрави луѓе. Има и постари, има и луѓе со мали деца што треба да се симнуваат и качуваат до петти или шести кат. Јас досега не сум начекал лифт што работи во гаражата „Разловечко востание“, а пред неколку денови со ќеркичката од година и пол в раце се симнував и качував до шести кат во катната „Беко“. Во работен ден во оваа гаража тешко се наоѓа место на подолните катови. Навистина ова не е во ред – вели Деан Блажески и додава дека надлежните мора итно да го решат тој проблем што поскоро, затоа што граѓаните уредно си ја плаќаат услугата.

Во „Разловечко востание“ се чека сервисер

Со катната гаража „Разловечко востание“ стопанисува Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката. Оттаму велат дека гаражата има четири лифта, од кои едниот е во  целосна исправна состојба, а вториот е во функција, но има мал технички  проблем со повикот за спуштање надолу. Останатите два лифта се надвор од употреба.

– Постапката за избор на сервисер за најповолен понудувач за сервисирање и одржување на лифтовите е во финална фаза. АДСДП кое во изминатиот период детално ја исчисти и ја осветли оваа катна гаража, ги известува корисниците дека сите лифтови ќе бидат сервисирани следниот месец – тврдат од АДСД.

Јакимовски: До понеделник ќе се поправат сите лифтови

Катните гаражи „26 јули“ и „Беко“ се во надлежност на ЈП „Градски паркинг“. Во првата со месеци не работат лифтовите, а во втората конечно деновиве проработеа. Директорот на претпријатието Борче Јакимовски тврди дека во моментов се работи и на поправка на лифтовите во „26 јули“ и дека тие ќе бидат во функција најдоцна до 27 мај.

– Морам да споменам најпрво дека овие лифтови се 18 часа непрекинато во употреба. Секој лифт треба да има сертификат, што значи дека мора да го прегледа инспекциско тело еднаш годишно, во случајов ЦИРКО, кое ја утврдува состојбата на лифтовите. При последната проверка е утврдено дека лифтовите се во добра состојба, поради што ние отворивме набавка само за одржување, која ја доби „Дака лифт“ и за таа намена издвоивме средства од 300.000 денари – објаснува Јакимовски.

По седум-осум месеци од проверката на ЦИРКО, како што вели Јакимовски, се покажало дека лифтовите се технички неисправни и дека им е потребно сервисирање, но според него, јавните претпријатија не можат да објавуваат двојни набавки, а предвидените пари за одржување веќе биле потрошени.

– Сега конечно состојбата е надмината, сервисирањето го врши „Мак лифт“, веќе се поправени и ставени во функција лифтовите во „Беко“, а најдоцна до понеделник ќе проработат и во „26 јули“ – тврди Јакимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот