„Граѓаните“ како казнена експедиција, го решија и Тотенхем
Манчестер сити со 3:0 го совлада Тотенхем во рамки на 24. коло од Премиер лигата и ја продолжи неверојатната серија од 23 победи по ред во сите натпреварувања.
„Граѓаните“ од првата минута го контролираше поседот на топката, додека Тотенхем очекувано играше повлечено и своите шанси ги бараше од контранападите, но тоа изостана на „Етихад“ стадионот.
Манчестер сити поведе во 23. минута со голот на Родри од пенал. Интересно, ова беше прв гол за Родри во Премиер лигата во 48. натпревар за Сити.
Дилемите околу победникот беа решени во второто полувреме и тоа благодарение на Илкај Гундоган кој ги постигна двата гола. Првиот го даде во 50. минута по асистенција на Рахим Стерлинг, додека вториот го постигна по асистенцијата на голманот Едерсон.
Германскиот репрезентативец со двата гола потврди дека се наоѓа во фантастична форма, на последните 12 натпревари постигна 11 голови, иако на претходните 82. средби даде само 10 гола и во исто време стана третиот
Германец кој дал повеќе од 10 гола во една сезона во Премиер лигата.
По новата победа Манчестер сити има 53 бода и е лидер на табелата со седум бодови повеќе од второпласираниот Лестер кој има и натпревар повеќе, додека Тотенхем го забележа четвриот пораз во последните пет средби, е осми со 36 бодови.