Граѓаните бараат чисти гробишта барем за Задушница

Неисчистени, полни со ѓубре и паднати лисја од дрвјата се гробиштата „Бутел“ деновиве, раскажуваат граѓани што пред Задушница биле да ги посетат и да ги средат гробовите на своите блиски пред големиот празник. Гробовите, според нив, се покриени со лисја, а ѓубрето во кантите за отпадоци е растурено и не е собрано.

– Сликата што деновиве ја затекнав таму е навистина ужасна. Задушница е в сабота, луѓето ќе дојдат на гробишта и што ќе видат. Целосна негрижа. Минатиот пат ги собравме лисјата што беа врз гробот, исчистивме и околу него и сето ѓубре го собравме во црни ќеси. Сега кога повторно отидовме, ќесите уште стојат таму, ниту нив не ги собрале. Срамота! – револтирано раскажува наша соговорничка.

Според неа, на гробиштата нема доволно канти за ѓубре, ниту контејнери, некои се искршени, а сè уште можат да се најдат и остатоци од стари, одамна неупотребливи жичени корпи за отпадоци.

Од АД „Бутел“, пак, тврдат дека деновиве, пред празникот, гробиштата интензивно се чистат.

– Нашите вработени задолжени за одржувањето остануваат и прекувремено, со две ѓубретарки се чисти сметот за да биде сè подготвено за Задушница, кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата. Но наша обврска не е да ги чистиме гробните места, тоа е обврска на старателите, туку чистиме околу гробовите, како и патеките и уличките низ гробиштата – велат од АД „Бутел“.

Во однос на реакцијата на граѓаните дека на гробиштата нема доволно корпи и контејнери за ѓубре, од АД „Бутел“ се со спротивен став. Тие сметаат дека има доволно, а дека веќе се набавени нови корпи и контејнери што ќе се постават во наредниот период. Дури, како што тврдат, за да се намали валкањето на гробовите и целиот простор на гробиштата, во последните години таму повеќе не се садат листопадни, туку само зимзелени дрвја, од кои наесен не паѓаат лисја.

– Гробиштата уште денес ќе бидат целосно исчистени и подготвени за Задушница. Но треба да видите како ќе изгледа целиот простор откако луѓето ќе си заминат и колку расфрлано ѓубре оставаат зад себе. Околу 100 илјади граѓани ги посетуваат гробиштата за овој празник. Оставаат храна по гробовите, ќеси со ѓубре. На гробиштата доаѓаат и улични кучиња, кои исто така ни се голем проблем, па целата храна се разнесува, се распарталуваат ќесите. Но нашите екипи сето тоа успеваат да го исчистат – објаснуваат од „Бутел“.

Гробиштата „Бутел“ се простираат на 75 хектари или 75.000 квадратни метри површина, каде што се сместени околу 80.000 гробни места. За одржување на хигиената на овој простор се грижат околу 30-ина вработени, кои според надлежните, секој ден го собираат отпадот од гробиштата.

И покрај ставот на АД „Бутел“ дека гробиштата редовно се чистат, според прикажаните бројки речиси е невозможно активноста да се спроведе секојдневно и квалитетно на целиот тој огромен простор со толку малку луѓе. Токму затоа граѓаните реагираат и бараат подостоен третман на вечните почивалишта на нивните блиски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот