Граѓани порачуваат лек против згрутчување на крвта по автобуси и ако на некого му останал дома!

epa08783119 Medical staff with protective suit speaks with people who wait for the COVID-19 test at the door of a laboratory in Skopje, North Macedonia, 29 October 2020. The number of newly infected COVID-19 patients over 24 hourse in North Macedonia rose to a record number since the pandemic began.The capacity of the hospitals in the country are very close to be full. The Macedonian parliament voted on changes in the legislation regarding the protection of the public from infectious diseases. These changes make wearing face masks mandatory outside of the home. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Ампули „клексан“ клучни во лекувањето на пациенти болни од Ковид 19 кои што имаат проблеми со згрутчување на крвта и со тромбоцитите, ги нема во најголемите ланци на аптеки во Македонија.

Како што ,„Слободен печат“ утврди со проверки на терен и како што утврдивме во разговори со фармацевтите во аптеките, оваа ситуација трае со недели, а ,,клексан” во меѓувреме има останато во Берово и тоа неколку ампули и во Велес, исто така неколку дози. Аптекарите не посоветуваа доколку имаме некого во овие градови да замолиме да ни ги прати по автобус.

Во Фејсбук групата „Ковид 19 искуства и совети“, граѓани бараат „клексан“ од заостанати залихи од некој што претходно ги користел но починал или оздравел, па веќе не им се потребни.

Ивана Николовска од Скопје, чиј што татко е хоспитализиран на комплексот клиники ,,Мајка Тереза” на кислородна поддршка, вели дека нејзиниот татко лично по телефон и кажал да му набави десет ампули ,,клексан” зашто болницата ги немала.

– Татко ми е хоспитализиран со коронавирус и дише на кислородна поддршка, во државна болница. После испитувањето ми се јави да ми каже да донесеме десет клексани зашто во моментот немаат. Ние цела вечер и утрово сме растрчани по аптеките и никаде не најдовме, во поголемите аптеки го нема со недели. И на крај, преку Фејсбук, од луѓе што имаат неколку ампули преостанати по дома и не им се повеќе потребни, ми ги понудија и сега брат ми се сретна со тоа семејство да ги земе ампулите. Не ми е јасно како може да нема болницата, па ние да мораме да бараме. Сите можни аптеки во именикот на аптеки ги прашавме и немаа клексани од 0.4. Исто така, овие ампули што ги најдовме од некој што ги имал преостанато дома, не знам како биле чувани, дали соодветно или не. Но тој ризик е помал отколку татко и да не ја прими терапијата. Кога ги однесе брат ми во болница, сите цимери на татко ми му рекле, брзо ги најде, најди ни и нам по десет, изјави за „Слободен печат“ Николовска.

Директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Милена Стевановиќ вели дека во болницата што ја раководи нема недостаток на клексан, затоа што се погрижила да ја осигура набавката. Но, потврдува дека има проблем со генералното производство поради големата побарувачка на ова лекарство кој што постои и во Македонија и во целиот свет.

– Секаде има генерален дефицит на клексан, но ние на Инфективната клиника го имаме во доволни количини, рече доктор Стевановиќ.

Прашавме во Министерството за здравство зошто има дефицит на овие ампули во државата.

„Иако потрошувачката на антиокагулантна терпија, во која е и клексанот, во земјава е тројно зголемена во однос на истиот период лани, добавувачите прават напори да се обезбедат бараните количини. Во моментов нема недостиг од оваа терапија ниту во аптеките, ниту во болниците. Зголемента потрошувачка се должи на тоа што овие лекови се вклучуваат како терапија кај болните со ковид 19 кај кои се јавуваат одредени проблеми со крвта. Кај нас во ниту еден момент немаше недостиг од овие лекови. Клиничка аптека ги има во континуитет и и достапни се на сите болници и ковид центри, а испораката оди редовно и во аптеките низ државата. Мината недела се испорачани и дополнителни колични на клексан во Клиничката аптека во Скопје, а доволни количини на лекот има и за аптеките и за останатите болници во земјава. Клексанот е само еден од палетата лекови од оваа група кои се користат како антикоагулантнс терапија. Лекарот специјалист е тој кој одредува кој лек од оваа група ќе го прима пациентот”, ни рекоа од Министерството.

Матичните лекари кои ги консултиравме велат дека постои замена за клексанот ама дека нивото на ди димери, мора да биде пониско за да се даде заменскиот лек. Кај тие пациенти со многу високи нивоа на ди димери, клексанот е единствената терапија.

– До 500 е нормалната вредност на ди димерите. Но, ние имаме пациенти со ди димери качени на 3000 и за нив користиме клексан, ги боцкаме еднаш дневно подкожно, за да се намалат, за да не се згрутчува крвта. Овој лек не е за корона, туку за да не се згрутчува крвта. Во други состојби се дава после абдоминални операции, после операции на матка, јајници, по хируршки интервенции на карциноми на дебело црево, големи интервенции на карлица, вадење цисти, зашто пост оперативно ризикот од тромб е голем, ни изјави доктор Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на здружението на приватни матични лекари.

Минатата недела и граѓани кои немаат коронавирус, меѓутоа имаат други состојби за кои е потребен клексан почнаа да се жалат дека е дефицитарен.

– Бремена сум со трето дете. Користам клексан две инјекции на ден, една чини околу 250 денари. Не
Нема никаде, ни под дрво ни под камен. Користев фраксипарин до скоро ама дозволија да стане од 180 на 268 денари. Зборувам за есенцијален лек без кој јас и моето дете можеме да завршиме кобно. Каде да купам клексан и со што да го платам, праша Елена Макаловска Јовевска.

Препораките од здравствените власти се да не се земаат никакви лекови вклучително и клексан без препорака од специјалист.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот