Графики и инсталација од Ана Трајковска и Ивана Самандова ќе бидат претставени во КИЦ

Плакат за изложбата во КИЦ-Скопје

Интерактивната изложба „FLUX Surfacing“, која содржи графики и инсталација од Ана Трајковска и Ивана Самандова, на 20 септември, во 20 часот, ќе биде отворена во Салон „Империјал 2“ при Културно-информативен центар – Скопје.

Проектот „FLUX: Surfacing“ е продолжение на интерактивната изложба „FLUX“ организирана од страна на Ивана Ќ. Самандова и Ана Трајковска којашто се одржа во ноември минатата година во Отворено графичко студио. Покрај тоа што тематиката на графиките е од мрачен психо-аналитички, интроспективен карактер, за време на изложбата „FLUX“ се оствари и интерактивен чин помеѓу делата и посетителите.

Интерактивниот чин се состоеше на гравирање од страна на посетителите врз поставените плочи, а истите изгравирани моменти содржат тематики поврзани со своите лични искуства, скриени чувства и трауматични мемории, стравови и неизвесности, кои остануваат анонимни поради ранливата природа на самите изгравирани цртежи.

– Сите тие колективни, индиректни визуелни прикази и споделувања помеѓу уметниците и посетителите, со продолжувањето на „FLUX: Surfacing“ се откриваат, „излегуваат“ на површината формирајќи една целина низ која разновидните отпечатоци се испреплетени едни со други, создавајќи еден нов соединет наратив низ просторот и самото дело – откриваат авторките.

Aна Трајковска е родена 1995 година во Скопје, Македонија. Дипломиран графичар е во класата на проф. м-р Зоран Јакимовски, отсек графика со модул конзервација и реставрација. Магистрира на истиот факултет во 2021 г. кај проф. Зоран Јакимовски, смер графика. Од 2010 до 2020 година активно работи како личен асистент за цртање и сликање на Ирена Гапговска во НВО „Арт студио“ – Скопје, а од октомрви 2020 г. е основач на приватно ателје за часови по цртање и сликање во „Партизан принт“.

Главно насочена кон графиката како медиум и различните можности кои може да ги даде, Aна Трајковска експериментирајќи се обидува да пронајде нов начин на визуелно комуницирање применувајќи ја оваа техника и интегрирајќи ја со други медиуми и визуелни форми, трагајќи по начини да ја оддалечи од нејзиното традиционално восприемање.

Ивана Ќ. Самандова (родена 1997, Скопје) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во 2020 година, на отсек сликарство, модул конзервација и реставрација. Нејзината уметничка практика се фокусира на процесите на набљудување и истражување на социо-политички проблематики, структури, однесување и интерконекции помеѓу специфични ситуации на една заедница или индивидуа. Нејзиното уметничко творештво често третира тематики на почувствуван, поттикнат интерес, подоцна пренесени преку интердисциплинарна уметничка практика која се состои од истражување на различни комбинирани и нови медиуми.

Изложбата ќе биде отворена до 2 октомври, а настанот е финансиран од Град Скопје и е дел од проектот „Скопје кандидат за Европска престолнина на културата 2028“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот