Графики, цртежи и колажи од Слободан Радојковиќ се претставени во КИЦ

Во Културно-информативниот центар – Скопје на 21 јуни беше отворена изложбата на графики, цртежи и колажи од академскиот графичар Слободан Радојковиќ (Србија).

Графичарот Слободан Радојковиќ e роден 1967 во Ниш, Србија. Дипломирал на ФЛУ – Скопје во 1992 г. Постдипломски студии завршува на ФЛУ – Белград, Србија во 1996 г, а на истиот факултет докторира во 2016 година.

Работи како професор по графика на ФЛУ – Ниш, Србија. Од 1993 г. е член на Здружението на ликовни уметници на Србија – УЛУС. Има реализирано 25 самостојни изложби во Белград, Ниш, Пирот, Приштина, Прокупље, Кикинда, Смедеревска Паланка, Краљево, Крагујевац, Софија (Бугарија), Хјустон (САД), Бања Лука (БиХ), Николет (Канада), Котор (Црна Гора), Верчели, Вербанија, Карнаго (Италија) и Берн (Швајцарија). Од 1993 учествувал на повеќе од 350 групни изложби низ целиот свет.

– На прв поглед станува збор за три различни наративи, циклуси, со кои Радојковиќ ѝ се претставува на ликовната публика. Но тоа е привид, зашто сите три циклуси („Лулиња и чешли“, „Колиби и дождови“, „Мрежи“), без оглед што се создавани во различни временски периоди, тие се тесно поврзани со потребата на Радојковиќ да ја надмине конечната форма и визуелната претстава, при тоа ослободувајќи се од стварноста и преминувајќи во состојба на оностраното – на нешто што е повеќе од слика по себе, што преминува во метафора со која се напушта она што се гледа, и она што е вообичаен тек на нештата. Колибите и дождовите, мрежите, лулињата и чешлите, се наметнуваат како прибежиште на човечкиот ум од хераклитовскиот тек на нештата, според кои моментите сместени во различни временски мигови, не можат да се доведат во врска – забележува ликовниот критичар Срѓан Марковиќ.

Изложбата на Слободан Радојковиќ ќе биде отворена до 4 јули во КИЦ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот