Графичкиот роман „Вавилон Берлин“ е објавен во издание на „Бункер“

Едицијата „Апсолутни почетници“ на издавачот „Бункер“ посветено и со истенчен вкус се пополнува со нови наслови на графички романи. Како петта книга во библиотеката објавен е графичкиот роман „Вавилон Берлин – Еден нерешен случај“ на Арне Јиш, направен според романот на Фолкер Кучер по кој е снимена и истоимената телевизиска серија.

Авторот Арне Јиш, кој го потпишува сценариото и цртежите во графичкиот роман, не само што го адаптира култниот криминалистички роман на Фолкер Кучер, туку прецизно ги отсликува гламурот на модерниот велеград и општествените и политичките напнатости во Вајмарската република. Македонското издание на книгата има фантастичен графички дизајн и висококвалитетен печат.

Приказната во графичкиот роман „Вавилон Берлин – Еден нерешен случај“ се случува во Берлин во 1929 година. Во дваесеттите години од минатиот век берлинската криминалистичка полиција била прочуена по своите модерни истражни методи. Кога младиот и амбициозен инспектор Рат, на своја рака, започнува истрага за убиство, наидува на отпор од сите страни. Наскоро тој ќе биде вовлечен во мрежа на измама, корупција, убиство и потрага по руско злато.

Сценариото во графичкиот роман се разликува од сценариото на телевизиската серија „Вавилон Берлин“, која во овој период се емитува на ТВ Телма, а авторот Арне Јиш му благодари на Фолкер Кучер што без негодување ги прифатил промените во неговата приказна. Покрај графичките романи, Јиш работи и како цртач на сториборд за повеќе филмови, но и како илустратор на различни проекти.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 112, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16 јануари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот