Графички дела од Мерсад Бербер ќе бидат изложени во галеријата „Ел Греко“

Значењето и вредноста на уметничкото кредо на Мерсад Бербер за балканската историја на уметност е огромно, а неговите дела се своевидна современа хроника за историјата и културната традиција на овие простори

Галеријата „Ел Греко“ прави исклучителен подвиг со организирањето на изложба со дела од Мерсад Бербер, која ќе биде отворена на 30 ноември во Скопје.

Сликарот Мерсад Бербер е една од најзначајните уметнички фигури на поранешното југословенското уметничко милје од втората половина на 20 век, кој постигнал завидна европска кариера што ретко успевале да ја досегнат уметниците кои потекнувале од овие простори на југоисточна Европа и Балканот, а негови дела се наоѓаат во многубројни значајни збирки на институции од културата и приватни колекции низ светот.

Тој е мултидисциплинарен и мултимедијален уметник што постигнал одлични резултати во разновидни уметнички медиуми и дисциплини, од графиката, која му е специјализиран медиум, до сликарството, цртежот, илустрацијата, сценографијата, костимографијата итн.

– Маестралноста на Бербер лежи во неговата одлична моќ да направи скенирање на најзначајните моменти од локалната, подалечна или поблиска, историја и традиција, како и на, за него, најзначајните примери на уметници и дела низ вековите, и истите да ги искомбинира, уметнички да ги трансформира и исколажира на мошне впечатлив, постмодерен начин кој оддишува со неверојатна моќ за поврзување на старото и новото, на Истокот и Западот, на класичното и современото, на исламското и христијанското, на ренесансата, нејзината обнова во неокласицизмот, на експресионизмот и сецесионизмот и истите да ги преточи во современата цитатност и преобразба, низ дела кои освен со својата комплексна техничка постапка и сликарска (цртачка виртуозност) го носат и белегот на сижејна концентрираност во која се преплетуваат многуслојни поврзани, преклопени или кадрирани нивоа на читливост како полифонични панели – забележува ликовната критичарка и историчар на уметноста, Ана Франговска.

Делата на Мерсад Бербер се своевидна современа хроника за историјата и културната традиција на овие простори

Своевремено Мерсад Бербер изјавил: „Големите имиња во сликарството се како антички каријатиди. Мојата цел е постојано да се откриваат живи и плодотворни импулси во минатото, бидејќи мојата традиција ѝ припаѓа на големата традиција на европската култура во која се сретнуваат и преплетуваат антиката, Византија, средновековието, ренесансата, барокот, сецесијата, модерната, а исламската компонента на сето тоа му дава посебен тон низ синтеза на Истокот и Западот. Ако моето сликарство го нарекуваат неокласицизам, тоа е затоа што сакам да ги обновам сништата кои го чуваат достоинството на штафелајното сликарство низ историјата“.

Значењето и вредноста на уметничкото кредо на Мерсад Бербер за балканската историја на уметност е огромно, а неговите дела се своевидна современа хроника за историјата и културната традиција на овие простори.

Биографија на Мерсад Бербер: Балкански маестро

Мерсад Бербер е роден на 1 јануари 1940 година, Босански Петровац, а починал на 7 октомври 2012 година во Загреб. Годините од најраното детство и младост, поради воените околности, ги поминал во Бања Лука, каде што завршил основно и средно училиште. Веќе како средношколец илустрирал книги и списанија. Студирал во Љубљана на Академијата за ликовни уметности, 1959-1963 година, а дипломирал во класата на Максим Седеј. Во 1965 година ги завршува постдипломските студии по графика на Академијата во Љубљана, во класата на професорот Рико Дебењак, а истата година ја има првата самостојна изложба во Градската галерија во Љубљана.

Имал повеќе од сто самостојни изложби. Изложувал во престижни галерии ширум светот, вклучувајќи ги Ванкувер, Трст, Болоња, Каиро, Хамбург, Фиренца, Њујорк, Женева, Токио, Џакарта, Москва, Истанбул, Барселона, Лондон… Неговите дела се наоѓаат во многубројни музејски, галериски и приватни колекции низ светот, вклучувајќи ја и галеријата „Тејт“ во Лондон. Добитник е на голем број престижни награди и признанија на најзначајните меѓународни сликарски и графички изложби. Живеел и работел во Љубљана, Сараево, Загреб и Дубровник.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 107, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 ноември 2021)

Видео на денот