ГРАФИЧКА ИЗЛОЖБА: Дизајнот не е декоративна игра

Визуелниот уметник, графички дизајнер и универзитетски професор, Ладислав Цветковски, со изложбата „28 години дизајн за Кинотека на Македонија“ ја одбележа речиси тридецениската соработка со оваа национална установа.

Креативната соработка помеѓу Ладислав Цветковски и Кинотеката на РСМ почнала со дизајнот на третиот број на списанието за историја, теорија и култура на филмот „Кинопис“ во 1991 година и трае до ден-денес. Цветковски изработил и дизајнерски решенија за повеќе од 150 печатени изданија на Кинотеката, како што се: плакати, филмски програми, брошури, каталози, други периодични изданија, книги, ДВД-ја, а соработката се проширила и на изработка на печатени материјали за ИФФК „Браќа Манаки“ (кога Кинотеката била организатор на Фестивалот), како и на комплетното брендирање и осмислување на визуелниот идентитет на 70-иот Конгрес на ФИАФ (Меѓународна федерација на филмски архиви), што се одржа во Скопје, во 2014 година, во организација на Кинотеката. Изложбата со негови дизајни е поставена во галеријата на Кинотеката и ќе може да се посети до 15 јануари.

Со изложбата во Кинотеката одбележувате 28 години соработка во областа на дизајнот со оваа институција. Зошто токму 28 години?

– Одговорот е едноставен – јубилеите се некакво заокружување на одреден циклус, а мене тоа во моментот не ми е толку важно. Мислам дека сѐ уште имам што да ѝ понудам на филмската публика и се надевам дека мојата соработка со Кинотеката ќе продолжи. Оттаму, мојот придонес овде не завршува, циклусот продолжува. Од друга страна, сакам да ја испровоцирам стручната јавност да почне сериозно да го третира дизајнот, затоа што сметам дека тоа е недоволно истражена област во нашата култура и има автори од постарите генерации кои се комплетно заборавени, а извршиле силно влијание врз општата култура и уметност кај нас.

Кога и како се случи почетокот на соработката со Кинотеката?

– Непосредно по моето дипломирање во 1990 година ми се јави Илинденка Петрушева, тогашна уредничка на списанието „Кинопис“, со понуда за соработка на третиот број на „Кинопис“. За мене тоа беше вистински предизвик и чест, особено затоа што дизајнот за првиот број на тоа списание беше изработен од проф. Костадин Танчев – Динка во 1989 година. Неговиот дизајн на главата за списанието остана непроменет до денес и тоа е добро, бидејќи се работи за извонредна креација која говори за силината на графичкиот дизајн.

Во 1991 година излезе третиот број на „Кинопис“ со мој дизајн на корицата и на внатрешниот дел и со тоа почна мојата скоро тридецениска соработка со оваа институција. Тоа беше исклучително комплицирано и транзициско општествено, политичко, но и творечко време. Воопшто не беше едноставно да се одбраниш од силниот наплив на кич и незнаење. Имав среќа да соработувам со луѓе кои ми ја дадоа целосната доверба. Соработував со поголемиот дел од вработените во Кинотеката, но најдолга е соработката со Илинденка Петрушева, која секогаш имаше полна доверба во мене. Од неа научив многу за филмот, за тоа колку е важно да си посветен на тоа што го истражуваш и за тоа колку е важно за дизајнерот да ја спознае вистинската суштина и значењето на тематиката која ја обработува, да пронајде инспирација и да креира нова визуелна порака за веќе постоечка уметност. Тоа не е воопшто лесно. Затоа мојата одлука да соработувам со Кинотеката континуирано, речиси три децении, ја сметам за многу важна. Во оваа институција секогаш сум се чувствувал добро и луѓето кои ги запознав таму ми се како мое големо професионално семејство.

Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Ладислав Цветковски, Игор Старделов и Петар Волнаровски на отворањето на изложбата во Кинотека

Дизајнот за Кинотеката опфаќа широка палета на различни графички решенија. Кој е вашиот пристап во изборот на графичките решенија?

– Кога ќе го погледнете целиот опус, од почетокот до денес, буквално можете да воочите како сум се менувал. Соработката со ваква институција има исклучителна вредност, бидејќи вие доаѓате во контакт со извонредни текстови и избор на филмски остварувања. Она што мене ми е исклучително важно е директниот контакт со авторите на текстовите. Како и во моите ликовни дела, така и во дизајнот во мојот фокус се човекот и приказната. Не може да направите добар дизајн доколку не прочитате, не ја проучите темата, текстот. Разговорот со авторот, доколку е возможен, е исклучително делотворен во процесот на визуелизација. Треба да ги погледнете филмовите, да се информирате што други напишале за нив и сл.

Дизајнот не е декоративна игра, ниту, пак, фактографско пренесување на сижето. Тоа е нов креативен процес, во кој истовремено и планирањето и познавањето на технолошките можности на графичката индустрија е, исто така, од исклучително значење. Тоа што секогаш се трудам да го постигнам со визуелизацијата е одраз на мојот став или гледање на содржината на публикацијата. Дизајнот го гледам како надградување на веќе сработеното од страна на авторите на текстовите и тој не смее да се сведе на банална рефлексија на текстот.

Дигиталната технологија максимално ја користите во Вашите графички решенија, а повеќе години во фокус го ставате социјалниот плакат. Какви пораки сакате да испратите?

– По дипломирањето компјутерот, или генерално дигиталната технологија, ми овозможија да останам автор. Од друга страна, работејќи како дизајнер и арт-директор имав можност непосредно да се сретнам со најразлични луѓе и така учев за предностите и недостатоците на средината во која живеам, за менталитетот и разликите меѓу целните групи и корисниците на моите продукти.

Во социјалниот, или таканаречениот друштвен плакат, ја гледам можноста да ги спојам искуствата кои сум ги стекнал преку создавање графики, видеа, фотографии или графички дизајни. Кога креирам секогаш вложувам ист интензитет на посветеност, но овој вид плакат ми ја дава брзината и свежината на кроки-решенијата. Поставувањето на моите плакати на социјалните мрежи ми овозможи слобода во искажувањето на моите согледувања и ставови, мојата потреба да соопштам и да ги нотирам девијантните појави, да потсетам на работи за кои некој се труди да ги заборавиме и да потсетам на грешките кои веќе некогаш во историјата се случиле. Се трудам моите плакати да го надживеат настанот и да продолжат да живеат како белешка за нашиот менталитет и култура. Дел од овие плакати ги посветив на важни личности кај нас и во светот, но и на случувањата во светот, а тоа ми донесе и поширока публика, која ги надмина границите на Македонија.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 12, во празничниот број на „Слободен печат“ на 4-7 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот