Градските власти исчистија под Кале, се заканија со казни, па заборавија

Депонија околу езерото Треска/Фото: МИА

Остатоци од азбестни кровови, стари душеци, градежен шут и депонии од секаков друг вид отпад повторно се формирани на просторот каде што се наоѓаше дивата населба под Кале. Од двете страни на асфалтираниот пат од стариот полигон до Вардар има десетина нови депонии, на просторот кој минатата зима беше целосно исчистен.

Но, оттогаш до денес, очигледно градските власти не водат грижа што се случува таму повторно и дали се испочитувани нивните задолженија кои тогаш им ги зададоа на сопствениците на просторот.

Рекреативци што поминуваат на оваа локација се вџашени од грдата слика. Велат, очигледно кога таму нема ниту инспекции ниту полиција, од камиони непречено се истура ѓубре покрај патот. 

Во Град Скопје немаат сознанија што се случува на просторот, ниту прецизираат што ќе преземат овој пат, откако во февруари  веќе ги исчистија депониите и ја дислоцираа дивата ромска населба.

– Надлежните служби од Град Скопје ќе направат увид на посочената локација, по што ќе бидат преземени натамошни мерки вклучително и казна за сопственикот -кусо одговорија од Градот.

На почетокот на годинава градските служби целосно го расчистија просторот под скопското Кале, кој беше претворен во депонија и ја отстранија дивата населба. Бидејќи просторот е приватна сопственост, Градот ги задолжи сопствениците да си го оградат местото и ги потсети дека тие се одговорни да ја одржуваат хигиената на парцелата.

Притоа, беа најавени и засилени контроли и ригорозни казни за оние што ќе дозволат на своите парцели да се трупа ѓубре и да се создаваат диви депонии кои ја загадуваат и нагрдуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните.

– Сите сопственици се писмено известени, а ја користам и оваа можност јавно да ги известам, за да немаме недоразбирања. Навистина не мислам дека треба да правиме компромис, доколку некој го купил ова земјиште тој треба да го одржува и да не дозволува на него да се случуваат вакви работи – рече тогаш градоначалникот Петре Шилегов.

Десет месеци потоа, на истиот простор има купишта ѓубре, просторот не е ограден, а очигледно нема ни казни за сопствениците, бидејќи од Град Скопје допрва ќе прават  увид на локацијата, по што ќе бидат преземени натамошни мерки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот