Градот го користи летото за реконструкции, граѓаните нервозни

Во Скопје летово истовремено се реконструираат повеќе улици, а во тек се и активностите на мостот „Гоце Делчев“. Граѓаните реагираат и се нервираат поради застојот во сообраќајот, иако, за среќа, во овој период градот е подиспразен поради годишните одмори. Сепак гужви има, особено пред мостот во насока кон „Мавровка“, каде што се вози само по една коловозна лента.

Надлежните, пак, сметаат дека летото е периодот кога најбезболно можат да се завршат реконструкциите, без таквите зафати сериозно да се одразат на нормалното одвивање на сообраќајот, токму поради тоа што поголемиот дел скопјани во овој период не се во градот. Трпение од граѓаните побара и градоначалникот Петре Шилегов.

Деновиве започнаа градежните работи за реконструкција на улицата „Борис Сарафов“ во Ѓорче Петров, како и изградба на водоводна, атмосферска и фекална мрежа. Предвидено е целосно да се реконструира коловозот на улицата на потег од крстосницата со улицата „Македонска Војска“ до крстосницата со улицата „Кузман Шапкарев“, со вкупна должина од околу 1.700 метри.

– На овој потег целосно ќе се отстрани стариот и оштетен коловоз и ќе се постави нов асфалт (АБ 11) со дебелина од 5 см на површина од околу 18.000 квадратни метри. Покрај улицата, во овој проект е предвидена и изградба на нова водоводна, фекална и атмосферска канализација – информираат од Град Скопје.

Работите на терен ќе ги изведува компанијата Жикол, а рокот за изведба е 90 дена. Градот за реконструкцијата ќе потроши 36,6 милиони денари.

Улицата „Борис Сарафов“ е паралелна улица со улицата „Ѓорче Петров“, каде што сè уште се работи на потегот од општинската зграда до бензинската пумпа на „Макпетрол“ кон излезот на Скопје кон Тетово. На оваа делница се врши  целосна реконструкција на коловозот во должина од околу 1.500 метри.

Во завршна фаза е и реконструкција на улицата „Московска“ во Тафталиџе, на потегот од крстосницата со булевар „Партизански одреди“ до крстосницата со булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улица „Васил Чакаларов“, во вкупна должина од 690 метри.

Продолжуваат и активностите за обнова на улицата „Февруарски поход“ во населбата Ново Лисиче. Стариот и оштетен коловоз е отстранет, а во наредниот период ќе се постави нов асфалт.  Во рамките на овој проект целосно ќе се реконструира коловозот на улицата  во должина од 720 метри, а за неговата реализација од буџетот на Градот се издвоени околу 7,5 милиони денари.

Минатиот месец заврши реконструкцијата на делот од булеварот „Партизански одреди“ од крстосницата со бул. „8. Септември“ до мостот „Обединети нации“, во должина од околу два километра, а заврши и фазната реконструкција на улицата „Лазар Личеноски“ во вкупна должина од 493 метри, на потег од раскрсницата со булеварот „Гоце Делчев“ до сервисната улица за влез на паркингот кај СРЦ „Кале“.

Во тек се и градежните работи на реконструкциите на булеварот „Кочо Рацин“ и на улиците „Лазар Трповски“ и на „Индира Ганди“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот