Градоначалникот Марин ќе даде 73.000 евра за да ги информира аеродромци што сработил

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин склучи договор со маркетинг агенција вреден 73.000 евра за да ги информира аеродромци што ќе сработи за нив јавува 24 Вести. Но и да ги едуцира за одговорно граѓанско однесување.

Според нив договорот е склучен минатата недела. А имиџот на градоначалникот и општината ќе го гради агенцијата „МККАН“. Иако на веб страницата на Аеродром стои дека за односи со јавност се задолжени 7 лица, од Аеродром велат дека имаат тројца. Тие нема да добијат отказ, туку им бил потребен како што велат „дополнител стручен сервис оти општината продолжува да работи со голем интензитет и има обемна програма.“

– Програмата е обемна и опфаќа активности и проекти од повеќе области. Општинската администрација е задолжена за реализација на програмата, додека улогата на професионалната маркетиншка агенција е преку нивните креативни, стратешки и експертски услуги да овозможи дополнителна поддршка за уште поефикасно креирање, организирање, информирање, презентирање и вклучување на граѓаните во сите тие активности, проекти и акции – одговорија од Општина Аеродром.

Според договорот Агенцијата ќе треба да куца соопштенија, да изработува презентации, да пушта покани до медиумите за настани, да прави листа од можни прашања од медиумите за Марин, но и да ги смисли неговите одговори.

Покрај организација на настани, кампањи, Агенцијата треба да се грижи и за протоколот на градоначалникот. Да му подготви предлог начин за обраќање и движење на Марин на јавните настапи. Да смислува содржини за Општината на „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Твитер“. Во 18 ставки во договорот е наведено се што треба да сработи за да добие 73.000 евра за една година, или во просек по 6.000 евра месечно.

Од Аеродром велат дека маркетинг агенцијата не ги презема соопштенијата, целосното информирање, организација, протокол и слично, туку се јавува само како поддршка и тоа само таму каде што е потребно. Тврдат – ќе ја ангажираат по потреба, и можеби нема да ги потрошат сите пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот