Градоначалничката Арифи распали по граѓаните за ѓубрето, тетовчани ѝ возвратија

Фото: МИА

 На профилите на Фејсбук на градоначалника Теута Арифи викендов се поставуваат повеќе фотографии и статуси дека се собира фрлениот смет, а за таквата состојба на одговорност се повикуваат граѓаните.

Денеска се поставени фотографии од локацијата пред православните гробишта дека е собран сметот, а за вчера е наведено дека е собран отпад од 42 локации низ градот. Воедно е истакнато дека ако граѓаните гледаат тенденција за создавање мини-депонии, да споделат информации и фотографии до Општината.

– Сметот се фрла во контејнери. Онаму каде истите не се поставени значи дека не е место за оставање на смет. И на 40 степени се чисти пред православните гробишта, јавна површина на која не доликува да се фрла смет и отпад, се вели во објавата на профилот на македонски јазик.

На профилот на албански јазик објавата е поинаква и одговорноста за оставениот смет е насочен кон граѓаните.

– Отпадоци и на гробишта. Да. Ги чистиме гробиштата и главните делови на градот. Тоа што вчера недоговорно го фрли денес некој треба да го чисти, се вели во објавата на Теута Арифи на Фејсбук.

За овие натписи реагираше и невладинот сектор посочувајќи дека локалната власт е неодговорна со оглед на тоа што граѓаните вооошто нема каде да го фрлат сметот како што е локацијата кај православните гробишта и многу други места во градот.

– Неодговорната градоначалничка ги обвинува граѓаните за неодговорност. На повеќе наврати граѓаните се жалат дека и кај православните гробишта, како на многу други локации низ градот, се создава дива депонија, но од страна на општината досега немало доволна волја за да се реагира. Денеска тоа ѓубре е исчистено, а на профилот на Теута Арифи, на албански јазик и вчера, и денеска се обвинуваат граѓаните дека се неодговорни. Лесно е да се префли вината, но потребно е да се преземат мерки што ќе оневозможуват такви појави. Градот нема доволни локации за собирање на сметот, и таму каде што има, бројот на контејнери е недоволен за да се собере целиот отпад што се создава. Општината потрфли и не успеа да одговори на овој предизвик, па за тоа полесно им е да ги обвинат граѓаните како неодговорни, вели Аријанит Џафери од Еко Герила.

На овие објави реагираше и Алијанса за Албанците.

– Госпоѓа Арифи, тетовчани не се нечисти како што ги нарекувате, туку вие немате поим како се води една општина. Не ви треба математичар во кабинетот, но барем да имате еден советник кој знае да брои. Депонии се стварат бидејќи нема доволно контејнери. Оставете ги малку настрана зградите, бизнисите и Дака Давидовиќ од Јелак, и сетете се на вработените на ЈКП, кои со месеци ги оставате без плати. Нема потреба да ве информираат граѓаните, ваша обврска е да знаете каде има депонии. Инаку депонии има насекаде низ градот. Ова би го знаеле ако некогаш поминавте по градските населби, а не само еднаш на четири години кога ви требат гласови, се вели во соопштението на партијата.

Кај православните гробишта каде се создава мини депонија порано имаше голем контејнер кој собираше пет тони смет. Комуналните служби го тргнааа контејнерот, не поставија друг вид садови за одлагање на отпад и поставија знак дека е забрането фрлање на отпад.

Видео на денот