ВИДЕО: Градинките во Центар бараат Општината да им дозволи прием на повеќе деца

професонални заедници за учење
Градинка, Фото: ©UNICEF, Приватна архива

Советот на Општина Центар на седницата во четврток, на 14 јули, треба да реши дали ќе даде согласност за прием на поголем број деца во градинките на нејзина територија во однос на предвидениот капацитет.

Од градинките „Кочо Рацин“, „13 Ноември“ и „Раде Јовчевски Корчагин“ поднеле вакви барања до Општината , поради големиот број на пристигнати апликации за упис на нови дечиња. Според информациите во барањата во градинката „13 Ноември“ заклучно со 15 јуни биле поднесени 225 апликации за нови деца, во „Кочо Рацин“ 194, а 80 дечиња сакаат да бидат примени од септември во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“.

Во Законот за заштита на децата во член 64 точно е прецизирано по колку деца може да има, во зависност од возраста, во една група во претшколско образование. Па така, најмал број дечиња од 6 до 8 деца треба да има јасли – групата за најмалите со возраст до 12 месеци, а најмногу во групите во кои се згрижени деца од пет до шест години, односно од 20 до 25 деца.

Но, од градинките во своите барања за согласност од Советот за прием на поголем број деца се повикуваат на ставот 5 од овој член во кој се вели дека „По исклучок, во зависност од условите за работа, потребата на децата и родителите или програмите за остварување на дејноста, јавната детска градинка во групите може да има поголем број на деца, односно помал број на деца од бројот на деца утврдени во ставовите (2) и (3) на овој член за што согласност дава основачот на установата“.

Од градинките велат дека доколку советниците дадат „зелено светло“ уписот на поголем број деца од предвиденото би бил во согласност со условите со кои располага секој 0бјект во градинките.

Видео на денот