Градинки има, деца има, нема кој да плати за нови воспитувачки

EPA-EFE
Градинките ги отворија вратите за децата / Скопје, 9 септември 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Меѓуинституционалните недоразбирања ги оставија децата незгрижени. Додека тече рокот за испис од градинките во Карпош за деца кои се од други општини, 306 деца чекаат да бидат примени во Карпош, а дури 500 деца чекаат упис во градинките во Ѓорче, од каде што всушност се најголемиот број на деца кои ќе останат без институционална грижа по десетти јуни. Решение во проблемот се бара во нови вработувања за да можат да се стават во функција неколку нови простории кои се целосно подготвени за прием на деца, но со месеци се чека на одобрение за вработувањата.

– Општина Карпош останува на одлуката донесена на Совет, на предлог на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Десетти јуни е последниот рок да се отпишат од градинка сите деца кои не се од Карпош. Станува збор за 200 деца од кои најголем број се од општина Ѓорче Петров. Ние разбираме дека ова е тешка одлука, но граѓаните треба да знаат дека 306 деца од Карпош веќе чекаат за упис во градинка, велат од Карпош.

Оттаму додаваат дека имаат опремено нови занимални со капацитет за 200 деца, но се чека одобрение за вработување.

– Занималните се празни иако се опремени затоа што немаме кадар за да работи со децата. Ние побаравме од МТСП да ни даде согласност за нови вработувања, но тие не ни дозволуваат да вработиме нов кадар дури ни на местото на оние кои заминаа во пензија, велат од Карпош.

Во Ѓорче Петров ситуацијата е уште поалармантна. Таму за прием чекаат 500 деца, а наскоро на списокот ќе бидат додадени и децата кои ќе бидат отпишани од Карпош.

– Ние имаме три нови занимални со кои ја проширивме градинката Детелинка, но немаме кадар. Веќе ангажиравме седум воспитувачки кои се платени од Буџетот на општина Ѓорче Петров, но дополнителни вработувања ќе ни бидат преголемо финансиско оптеретување. Побаравме да ни бидат одобрени седум вработувања, но од МТСП чекаме позитивен одговор уште од декември минатата година, вели градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Тој додава дека градинката во Волково се уште не е довршена.

– Градинката во Волково ќе може да прими околу 200 деца, тоа ќе биде од големо олеснување за општината, но истата нема се уште технички прием. Се уште не се изведени завршни работи во делот на безбедноста, нема внатрешна и надворешна ограда. Ние имаме предвидено средства за таа намена и ангажирана е фирма која очекувам набрзо тоа да го заврши по што ќе чекаме технички прием и одобрување за 25 вработувања, додава Стојкоски.

ОД МТСП велат дека постапката за вработувања на нов кадар во градинката Росица е во тек.

– Вработувањата во предучилишните установи се спроведуваат во согласност со Програмите за вработување, како и упразнети работни места по разни основи. Установата со поднесување на барање за пополнување на ново или упразнето работно место согласно актот за систематизација на работни места доставува барање до Министерството за труд и социјална политика, а министерството по утврдување на оправданоста на барањето истото го доставува до Министерството за финансии. Согласно расположливите средства Министерството за финансии дава согласност за одобрување на финансиски средства за работното место кое треба да се пополни. Во врска со вашето прашање за пополнување на работни места во ЈОУДГ „Росица“, Општина Ѓорче Петров- Скопје, Ве информираме дека постапката е во тек и установата има доставено до МТСП барање за пополнување на 9 упразнети места за воспитно-згрижувачки и друг кадар, велат од МТСП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот