Градинка за 175 деца ќе се гради во Волково

Денеска на јавна расправа беше презентиран проектот за градинката која треба да се гради во населеното место Волково, во Ѓорче Петров. Градинката ќе биде со капацитет од 175 деца поделени во осум занимални (од 0 до 6 години) и истата се очекува да биде завршена во наредната година и половина. Околу местото кое е предвидено за градинка во Волково нема други објекти, освен ниски куќи, парцели на кои е предвидена изградба, исто така на ниски куќи, и пристапна улица.

Изградбата на градинката е дел од „Проектот за условени парични надоместоци (УНП Проект)“  кој се реализира од Министерството за труд и социјална политика, со финансиска поддршка од Светска Банка, а се однесува на зголемување на капацитетите за сместување деца од предшколска возраст. Договорот за старт на подготовките за изградба денеска беше потпишан во Владата.

„Волково ќе добие најмодерен објект за едукација на најмладите на место каде што воздухот е најчист, со што значително ќе се намали бројот на дечиња кои чекаат за упис во градинка“, се вели во соопштението од општина Ѓорче Петров.

-Во преговори сме за доградба и на градинката „Детелинка“, а преку договор за јавно-приватно партнерство со министерствата за труд и социјална политика и за здравство, при крај сме се подготовките за старт на изградба на градинката во Дексион. Советот на следната седница се очекува да дебатира и донесе одлука која форма на ЈПП ќе се примени за тоа. Во Дексион очекуваме изградба на градинка за 125 деца, со што остваруваме уште едно ветување во однос на капиталните објекти во Ѓорче Петров, по најавата за изградба на клинички центар во Веле Поле и регулација на коритото на реката Лепенец по современи стандарди, што очекуваме да стартува на почетокот на следната година – рече Наумоски на јавната расправа.

Очекувањата се дека до Нова Година ќе биде избран најсоодветниот изведувач и дека некаде кон март следната година ќе стартува изградбата. Тоа значи, зависно од временските услови и динамиката на работата на изведувачот, дека за околу година и половина проектот ќе биде завршен – додаде Наумоски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот