Град Скопје планира сериозна инвестиција во атмосферска канализација, ќе ја има и на улицата Димо Хаџи Димов

Фото: Град Скопје

По повеќегодишно барање од жителите, денеска Град Скопје ја започна реконструкцијата на улицата Димо Хаџи Димов во општината Кисела Вода. Улицата ќе се обновува на потегот од  раскрсницата со улицата Антон Попов до улицата Народни Херои, во должина од 800 метри, а што е најважно, ќе се изведе и атмосферска канализација.

Барањето за реконструкција, како што рече градоначалничката, е децениски проблем на жителите кои редовно транзитираат во овој дел на градот, а со реализација на проектот дополнително ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот.

 Улицата Димо Хаџи Димов целосно се реконструира во вкупна површина од 6520 м2 во должина од 800 метри, се заменуваат оштетените рабници, се нивелираат шахти и сливници, планирано е и соодветно хортикултурно уредување. Истовремено Град Скопје инвестира и во нова атмосферска канализација во должина од 900 метри, а се врши и целосна реконструкција на водоводната мрежа – изјави градоначалничката Арсовска.

Таа најави дека ова е само почеток на дел од проектите кои ќе се реализираат на територијата на општина Кисела Вода. Рокот на изведба на улицата Димо Хаџи Димов е три месеци, а Градот Скопје во оваа реконструкција вложува 41 милион денари.

Градоначалничката не одговори конкретно на прашањето дали и во иднина при реконструкција на улиците ќе се изведува и атмосферска канализација, со оглед на фактот што токму недостигот на канализација за собирање на атмосферски води доведува до поплавување на улиците и при краткотраен пороен дожд. Но, Арсовска вели дека се планира сериозна инвестиција во атмосферска канализација и дека веќе се детектирани критичните точки во Скопје.

По она што се случи со невремето, се детектираа каде се критичните точки, верувам дека тоа било нешто што со години наназад, во период на изградба или во периодот на реконструкција на овие булевари и улици требало да се направи. Сега во овој момент во тек е анализата, како што најавивме и на самата вечер кога беше поплавата кога бевме излезени на терен, се гледа кои се можностите и што е она што можеме да го направиме да се отклонат овие недостатоци. Тоа ќе биде сериозна инвестиција во делот на атмосферската канализација, но за да превенираме во иднина да се случуваат вакви несакани последици предизвикани од невреме, мора во интерес на граѓаните да постапиме кон тоа и да ги решиме проблемите – вели градоначалничката.

Според податоците од ЈП „Водовод и канализација“ на 65 отсто од улиците нема атмосферска канализација, а тука спаѓаат и улици што се под надлежност на Град Скопје и оние што се во општинска надлежност. Од претпријатието прецизираат дека канализацискиот систем на Скопје е сепарациски и се состои од фекална канализација во должина од 778 км со покриеност од приближно 75 отсто и атмосферска канализација во должина од 330 км со покриеност од приближно 35 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот