Град Скопје објави јавен повик: Се бараат 16 асистенти за средношколците со посебни образовни потреби

Град Скопје денеска објави Јавен повик за ангажирање 16 асистенти за потребите на учениците со посебни образовни потреби во Средните училишта на Град Скопје.

Како што соопштуваат од Град Скопје, сите евидентирани невработени лица што се заинтересирани да се вклучат во програмата општинско-корисна работа во рамките на проектот „Поддршка на инклузијата во образовниот процес-унапредување на правата и можностите за ранливите категории граѓани во Град Скопје” можат да се пријават во Агенција за вработување – Центар за вработување на Град Скопје, во периодот од 5 до 16 август.

„Лицата што ќе бидат избрани ќе бидат ангажирани 20 часа неделно за период од девет месеци и ќе им биде исплатен паричен надоместок за работно ангажирање во висина од 9.000 денари месечно, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест“, информираат од Град Скопје.

Во соопштението на Град Скопје се наведува дека евидентираните невработени лица што ќе се пријават за учество во програмата, треба да припаѓаат на една од следниве целни групи невработени лица: долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над пет години); млади лица до 29 години; лица над 50 години; лица корисници на право на парична помош од социјална заштита или корисници на паричен надоместок по основ на невработеност; лица кои биле корисници на Програмата условен паричен надоместок за средно образование; лица кои имале статус на деца без родители и родителска грижа; жртви на семејно насилство; жени припадници на ромската етничка заедница; самохрани родители; родители на деца со пречки во развојот и родители на три и на повеќе деца.

Целта на проектот е овие лица да се стекнат со вештини и постепено да се вклучат на пазарот на труд.

Заинтересираните невработени лица детални информации за Програмата ОКР можат да добијат во Град Скопје, Сектор за образование од 08:30 до 16:30 часот, секој ден кај лицето Султана Чулева на телефонскиот број 02 3297-323, Општински координатор на програмата „Општинско-корисна работа”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот