Град Скопје набави опрема, но не пренесува седници во живо, општините ниту тоа

Во време кога и наставата се одвива онлајн, а дури и некои од помалите општини во државата седниците одамна ги пренесуваат во живо, тоа сѐ уште не е практика на ниедна од скопските општини, ниту на Град Скопје.

Ниедна скопска општина, ниту Град Скопје не ги пренесува седниците на Советите во живо, за граѓаните да знаат какви одлуки се донесуваат, кои детални урбанистички планови се усвојуваат, како се распределуваат буџетските средства, но и да ги следат дискусиите за прашања со кои се засегнати во секојдневниот живот. По седниците најчесто следат штури соопштенија за усвоените одлуки, некогаш поопширни доколку локалната власт сака со нешто да се пофали, а од некои општини нема никакви известувања.

Град Скопје уште пред две години ја започна постапката за набавка на техничка опрема, со што како што тогаш беше најавено, требаше да започне процесот за реализација на видео пренос во живо од седниците, со цел да се зголеми информираноста на граѓаните и транспарентноста во работењето на Град Скопје. Преносите требаше да се реализираат на официјалната веб-страница на Град Скопје, како и на официјалните страници, канали и профили на Град Скопје на социјалните мрежи и медиуми. 

Досега пренос во живо од седница на Советот на Град Скопје не се случи, иако опремата е обезбедена. Нема одговор кога техниката ќе започне да се применува за тоа за што е набавена.

– Опремата за реализација на видео пренос во живо на седниците на Советот на Град Скопје е набавена и е спремна за користење веќе неколку месеци. Истата е спремна и функционална, а настанот за презентација на Студијата за Зелен коридор долж реката Лепенец се пренесуваше во живо преку интернет токму со оваа опрема – велат од Град Скопје. Во живо се пренесуваше и презентацијата за зелен коридор на Серава, но граѓаните и натаму не можат да ги следат седниците на Советот.

Во време кога и наставата се одвива онлајн, а дури и некои од помалите општини во државата седниците одамна ги пренесуваат во живо, тоа сѐ уште не е практика на ниедна од скопските општини.

-Засега не постои техничка можност за пренесување на седниците на Советот на Општина Аеродром онлајн. Доколку во скоро време би се создале услови, би ја разгледале и таа можност – велат од Аеродром.

Се разбира, седниците на општинските совети се отворени за граѓаните, но во услови на коронавирус, секое групирање на затворен простор претставува ризик за здравјето, а и не секој граѓанин има можност и време за физичко присуство на седниците.

-На секоја седница на Советот на Општина Кисела Вода, може да присуствуваат сите заинтересирани граѓани. Во моментов, Општината не планира онлајн пренесување на седниците – информираат од Кисела Вода.

Општина Карпош пак е сериозно заинтересирана на своите жители да им овозможи пренесување на седниците во живо, но нема средства тоа да го реализира. Општината аплицирала за грант од Швајцарската агенција за развој на локалната самоуправа, во делот на зајакнување на капацитетите на Советот на локалната самоуправа.

-Предвидените 60.000 евра, беа токму за оваа намена, за инсталирање на аудио-визуелна техничка опрема со која ќе се овозможи преку Јутјуб каналот, граѓаните да ја следат седницата онлајн. Сепак, за жал, овие средства не ни беа доделени, а Општината со ребалансот на буџетот, вакви средства во моментов нема. Најмногу средства од новиот ребаланс се пренаменети во училиштата и градинките, т.е во оние секторски дејности, каде што најмногу ќе треба финансии за заштита и превенција од Ковид-19 пандемијата, преку редовна дезинфекција, чистење и хигиенско одржување на просториите – објаснуваат од Карпош

Сепак, по претходен договор со службите на Општина Карпош, заинтересираните граѓани, ќе можат да учествуваат на онлајн седница, како дискутанти по одредена точка за која што се заинтересирани.

-Една седмица пред одржување на онлајн седницата, заинтересираниот граѓанин преку административните служби задолжени за организација на работата на Советот, ќе може да се најави по конкретна предлог-точка како дискутант, и да земе учество по истата на некоја од наредните седници – велат од Општината. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот