Град Скопје ќе ги „обои“ во сино своите социјални мрежи на Светскиот ден на детето

Фото: Фејсбук, Град Скопје

Градот Скопје соопшти дека се приклучува на иницијативата за одбележување на Светскиот ден на детето – 20 Ноември и на покана на УНИЦЕФ ќе ги „обои“ во сино своите социјални мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм. На овие мрежи ќе бидат споделени постери со пораки за посреќно детство #ЗаСекоеДете.

По повод усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации, секоја година на 20 ноември се одбележува Светскиот ден на детето, ден исполнет со активности реализирани од децата, за децата.

Во изминатите години, во знак на поддршка, јавни објекти и градски обележја беа осветлувани во сина боја, но годинава поради актуелната енергетска криза оваа кампања според насоките на УНИЦЕФ ќе се реализира онлајн, на социјалните мрежи.

Оваа година акцентот на активностите по повод одбележувањето на Светскиот ден на детето се става на идеи за решенија на најголемите предизвици што ги засегаат нивните животи и нивната иднина, поврзани со три приоритетни теми: квалитетно образование, животна средина и квалитет на живот.

Извор: МИА

Видео на денот