Град Скопје и УКИМ ќе основаат Фондација „Развоен институт Скопје“

Град Скопје и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” ќе формираат Фондација „Развоен институт Скопје“. Двете институции, како што најавуваат од градот, би имале подеднаков придонес во основачкиот влог, односно просторот за функционирање на Фондацијата би го обезбедил УКИМ, а програмското работење би било финансирано од Град Скопје.

Одлуката за формирање на Фондацијата треба да биде разгледана на следната 63-та седница на Советот на Град Скопје.

– Целта на ваквото здружување е да се обезбедат нови алатки на Градот за соочување со предизвиците, преку податоци и следење на резултати, а да се стави во функција академскиот потенцијал и искуства, особено во делот на урбанистичкото планирање. Фондацијата би отворила нови можности за дејствување, за соработка, за финансирање и за инвестирање, како и подобар пристап до финансиска поддршка за инвентивни концепти за одржлив развој на град Скопје, се вели во соопштението од Град Скопје.

Процесот на формирање на оваа Фондација, како што се посочува, би започнал со изготвување на сите формално-правни документи за основање, како што се актот за основање на Фондацијата, статутот, програмата за дејствување, одлуката за избор на органи на Фондацијата, како и изготвување предлог организациска структура, финансиски план и програма за работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот