Грабнал заложници во банка за да ги „ограби“ сопствените пари

Либан/ Фото Elisa Gestri / ddp USA / Profimedia

Вооружен со пушка и заканувајќи се дека ќе се полее со бензин и ќе се запали, Хусеин побарал од банкарските службеници да му исплатат дел од штедниот влог за да може да ја плати сметката за болничко згрижување на својот татко

Либанецот Басам ал Шеих Хусеин со тешко кривично дело стекна популарност на национален херој, откако вооружен упаднал во банка во Бејрут и зел заложници за да го „ограби“ сопствениот штеден влог и да го плати лекувањето на болниот татко.

Вооружен со пушка и заканувајќи се дека ќе се полее со бензин и ќе се запали, Хусеин во четвртокот напладне во филијала на Федералната банка побарал од банкарските службеници да му исплатат дел од штедниот влог од 210.000 долари за да може да ја плати сметката за болничко згрижување на неговиот татко.

– Брат ми има заштеда од 210.000 долари во банката, а бара само пари за да ја плати сметката од 5.500 долари – изјавил за репортерите братот на ограбувачот.

Додека полицијата настојувала да ја реши заложничката драма, народот што се собрал пред банката скандирал: „Ти си херој!“ и „Долу со владеењето на банките!“.

Хусеин две години нема пристап до сопствените пари, бидејќи влоговите со суми над одредено ниво биле замрзнати како дел од пакетот мерки за надминување на длабоката финансиска криза. На штедачите им е дозволено само секој месец да повлекуваат ограничена сума, оценета како доволна за да ги задоволат основните потреби.

Веста за грабежот и заложничката драма брзо се проширила низ земјата. Со очајничкиот потег на Хусеин сочувствувале многумина Либанци, бидејќи по воведувањето на мерките за стабилизација дури 80 отсто од жителите се под прагот на сиромаштија. Симпатии кон ограбувачот имале луѓето што се собрале околу банката во квартот Хамра, па дури и полицајците што го одржувале редот, бидејќи во изминатите две години нивните плати биле намалени за 20 пати и сега се околу 70 долари месечно.

– Тој не е вистински разбојник. Само си го бара своето. Нашите драги лидери ги испратија сите свои милијарди во швајцарски банки со помош од централната банка, а ние останавме да страдаме. Цел Либан би го сторил ова – изјавил за „Гардијан“ Гасан Мула, кој бил близу банката.

Хусеин не им попуштил на полицајците што преговарале со него и ја одбил сумата од 10.000 долари што му ја понудиле банкарите. Кога се спогодил да му исплатат 35.000 долари од неговиот влог, тој прво побарал ресторан близу банката да достави храна за заложниците, а потоа се предал без да дава отпор. Никој од заложниците не бил повреден, а властите цел ден по надминувањето на кризата не отвориле обвинение.

– Никој нема да каже дека постапил лошо. Очајни луѓе прават очајнички дела. Сите сме како него, дури и специјалците и војниците го ценеа – изјавил Ахмад Јатум, еден од собраните граѓани.

За Федералната банка на Либан ова е втор грабеж од штедач што сакал да ги подигне сопствените пари. Во јануари друг штедач во Бека се полеал со бензин и се заканил дека ќе се самозапали ако не му бидат исплатени парите. И неговиот чин бил успешен, но не е објавено дали му била исплатена целата сума.

Вакви „самоубиствени“ чинови се нетипични за Либан, но економската криза сѐ посилно ги притиска граѓаните и не запира веќе со месеци. Либанските семејства традиционално врзуваат крај со крај со парите што им ги праќаат печалбарите. Тонењето на вредноста на либанската фунта и политичките превирања укажуваат дека ситуацијата нема брзо да биде надмината, особено кога целиот свет тоне во должничка криза.

Како мерка за стабилизација, властите ги ограничуваат штедачите да извлечат по 200 долари месечно, но преку купони наречени „лолари“, по вредност што е трипати пониска од пазарната. Поради падот на вредноста локалната фунта сѐ поретко се користи, а се купува со долари.

– Хиперинфлацијата нѐ уништи. Многумина немаат пари ни за леб – вели пекарот Џорџ Хадад.

Видео на денот