Говорот на Трамп поради кој му се заканува импичмент: Што им рече на поддржувачите пред да упаднат во Конгресот?

Доналд Трамп
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп / Фото: EPA-EFE/Erin Schaff

Американскиот претседател во заминување, Доналд Трамп оцени дека обидите на Демократската партија да го тргнат од власта е „најголемиот лов на вештерки во историјата на политиката“, како и дека неговиот говор пред упадот на демонстрантите во Конгресот бил „прикладен“, иако дури и политичарите од неговата партија оценија дека со него тој само ги мотивирал насилниците.

За нередите кои изминатата недела ги предизвикаа неговите поддржувачи во Конгресот на САД, Трамп нагласи дека републиканците „никогаш не сакаат насилство“.

– Кога станува збор за импичментот, тоа е навистина продолжение на најголемиот лов на вештерки во историјата на политиката. Апсурдно е. Апсолутно апсурдно. Ова отповикување претставува голема опасност и тоа е навистина одвратна работа која ја прават, истакна Трамп.

Неколку минути подоцна во Заедничката база „Ендрус“ тој зборуваше за повикот на поддржувачите за време на говорот во средата на 6 јануари, да тргнат кон Капитол, со напомена дека е проценето дека неговиот говор бил прикладен.

– Го анализираа мојот говор, моите зборови, последниот пасус и реченицата и сите сметаат дека беше потполно прикладен, порача Трамп.

Фото: EPA-EFE/WILL OLIVER

Пораките кои Трамп ги упати на поддржувачите непосредно пред тие да упаднат во Капитол хил се наоѓаат во централно внимание на демократите за време на подготовките за покренување процедура за гласање доверба за претседателот заради поттикнување на бунт со смртни последици.

Трамп ги повика поддржувачите да дојдат во Вашингтон на маршот за „Спасување на Америка“ , во среда, кога во Конгресот ќе има свечено пребројување на гласовите на избраниот претседател Бајден и им порача: „Бидете таму, бидете диви!“. На митингот непосредно пред избивањето на насилството тој повтори дека изборите се украдени.

„Њујорк тајмс“ ги објави и коментираше најшокантните делови од неговиот говор.

„Борете се многу пожестоко“ против „лошите луѓе“ и „покажете сила“ врз Капитол

„Републиканците постојано се борат како боксер чии раце му се врзани зад грб. А ние сакаме да бидеме толку фини. Сакаме да почитуваме се, вклучувајќи ги и лошите луѓе. И ќе мораме да се бориме многу пожестоко…

Ќе прошетаме до Капитол и ќе ги бодриме нашите храбри сенатори и членови на Конгресот, а некои од нив веројатно нема толку да ги бодриме затоа што со слабост никогаш повторно нема да ја освоиме својата земја. Мораме да покажеме сила и мораме да бидеме силни“, рекол претседателот.

Говорот на претседателот ги поттикнува на насилство поддржувачите, додека истовремено тој само напомена дека протестот треба да биде без насилство, пишува Њујорк тајмс, цитирајќи го претседателот:

„Знам дека сите кои се овде наскоро ќе тргнат на марш кон Капитол и мирно и патриотски ќе го кренат својот глас“

Меѓутоа медиумот додава дека повеќе експерти велат дека има повеќе закони кои укажуваат на тоа дека „поттикнување на бунт“ или „влијание на лице да учествува во кривично дело насилство спрема луѓе и имот“ е кривично дело.

Сега важат „сосема различни правила“

„Ако фатите некого во измама, можете да применувате многу различни правила. Затоа се надевам дека Мајк (Пенс) ќе има храброст да го направи она што мора да го направи и се надевам дека нема да слуша глупави луѓе“, рекол Трамп.

Критикувајќи ги републиканците кои не се согласуваат со неговите настојувања да ги оспори изборите, како што е потпретседателот Мајк Пенс, Трамп рекол дека сега важат „различни правила“.

Трамп недвосмислено покажа што очекува од Пенс – отфрлање на официјално потврдените резултати би било легитимно, но споменување на „сосема различни правила“ наговестува нешто повеќе и некој вид на одобрување, пишува Њујорк тајмс.

Трамп сугерираше дека републиканците, вклучувајќи го и Пенс, сами се изложуваат на опасност ако ја признаат победата на Бајден

„Се надевам дека Мајк ќе ја направи правилната работа. Се надевам, затоа што, ако Мајк Пенс ја направи правилната работа, ќе ги добиеме изборите… Уствари, само што разговарав со Мајк. Му реков: Мајк, за тоа не е потребна храброст. Храброста е потребна да не направиш ништо. За тоа е потребна храброст“, рекол Трамп.

„Исто така сакам да им се заблагодарам на нашите 13 најхрабри членови на американскиот Сенат, сенаторот Тед Круз, сенаторот Рон Џонсон, сенаторот Џош Хоули… Сенаторите се побунија. Сакаме да им се заблагодариме… Сметам меѓутоа, дека е потребна поголема храброст да не се побуниш и мислам дека многу од тие луѓе ќе го разберат тоа. Подобро да ги преиспитате вашите лидери, бидејќи тие ве однесоа во пропаст.

Трамп два пати им рече на поддржувачите дека републиканците кои не ги поддржале неговите настојувања да ги поништи изборите – покрај Пенс, тоа се сенатори како Мич Меконел од Кентаки, се тие кои се навистина храбри. Претседателот потоа посочува дека себеси се изложуваат на ризик, бидејќи би биле побезбедни да го направат тоа што тој го сака. За време на нередите кои следеа толпата скандираше: „Обесете го Мајк Пенс!“

Тој сугерираше дека сака неговите поддржувачи да ја запрат свечената процедура на потврдата на победата на Бајден, а не само да протестираат против нејзе

„Никогаш нема да се предадеме. Никогаш нема да признаеме. Тоа нема да се случи. Кражба не се признава. На нашата земја и е доста. Нема веќе да го трпиме ова. Ќе ја запреме кражбата…

Ќе имате нелигитимен претседател. Ете, тоа ќе имате, а ние не смееме тоа да го дозволиме. Ова се факти кои нема да ги чуете од лажните информативни медиуми. Тоа е дел од напорот да ве покорат. Не сакаат да зборуваат за тоа..

Ќе се бориме како луѓе, а ако не се борите како луѓе, ќе останете без државата“, им порача Трамп.

epaselect epa08923457 Supporters of US President Donald J. Trump stand by the door to the Senate chambers after they breached the US Capitol security in Washington, DC, USA, 06 January 2021. Protesters stormed the US Capitol where the Electoral College vote certification for President-elect Joe Biden took place. EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Два месеци откако ги изгуби изборите, Трамп постојано им зборуваше на поддржувачите дека се уште можат да го спречат Бајден да стане претседател ако се „борат како луди“, што е формулација која сугерира дека ќе делуваат и ќе ги менуваат работите, а не само да го кренат гласот на протестите, оценува Њујорк тајмс.

Бидејќи ги испрати поддржувачите во она што ќе стане хаос, Трамп ги излажа дека и тој ќе биде таму

„Сега е на Конгресот да се занимава со овој ужасен напад на нашата демократија. А потоа ќе се симнеме доле, а јас ќе бидам таму со вас… Ќе отидеме до Капитол и ќе пробаме на нашите републиканци, оние слабите, бидејќи на тие што се силни не им е потребна нашата помош – да им ја дадеме онаа гордост и храброст која им е неопходна да ни ја вратат нашата земја“, рекол Трамп.

Додека ги поттикнуваше поддржувачите да тргнат накај Конгресот, Трамп им ветуваше дека и тој ќе им се придружи. Вистината е дека повеќе негови поддржувачи и полицајци загинаа или беа повредени во хаосот кој настапи, додека претседателот го следеше на телевизија во безбедното опкружување на Белата куќа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот