Говорот на Бајден: Она што ни треба е единството – тоа што е најтешко да се постигне во демократијата

Фото: EPA-EFE/Greg Nash / POOL

Во својот прв говор како претседател на САД, Џо Бајден, на Американците и светот им порача дека денеска е ден на Америка, ден на демократијата, ден на историјата и надежта, ден на обновување.

-Америка е на висината на предизвикот. Денес го славиме триумфот на демократијата, рече Бајден.

„Волјата на народот е исполнета. Научивме дека демократијата е кревка, а денес демократијата преживеа”, кажа Бајден на скалите пред Капитолот, непосредно по неговата заклетва како 46. претседател на САД.

Тој од се срце им се заблагодари на неговите претходници од двете страни,посебно заблагодарувајќи му се на досегашниот потпретседател Мајк Пенс за поддршката и присуството на свеченоста.

-Синоќа разговарав со претседателот Картер, кој не можеше да биде тука денеска, но ние му оддаваме почит тука. Само се заколнав, изговорив зборови одамна изречени од Џорџ Вашингтон. Ова е одлична нација, ние сме добри луѓе. Направивме толку многу напредок низ вековите, но има уште многу пред нас. Треба да заздравиме, да се подобриме, ни претстојат многу задачи, рече тој.

Од говорницата тој јасно и силно порача дека сонот за правда за сите веќе нема да се одложува.

-Милиони работни места се изгубени, стотици илјади компании се затворени.. Подемот на политичкиот екстремизам и домашниот тероризам е нешто со што треба да се соочиме и мора да го победиме, рече тој.

“Она што ни треба е единството – тоа што е најтешко да се постигне во демократијата”, додаде тој .

-Единство. Денеска целата моја душа е во ова, во обединувањето на нашата нација и нашиот народ. Ги поканувам сите Американци да ми се придружат во ова, додаде тој.

“Преку единството можеме да постигнеме големи и важни работи – да создадеме работни места, да ги учиме нашите деца во училиштата, да го победиме вирусот, да постигнеме расна правда и уште еднаш да ја направиме Америка водечка сила на доброто во светот. Знам дека силите што не делат се длабоки и реални, но тие не се нови, Нашата историја е постојана борба помеѓу американскиот идеал – дека сите сме создадени еднакви – и суровата реалност, расизам и екстремизам”, рече тој.

-Насилство нема веќе да се случи овде. Ниту денес, ниту никогаш повеќе, порача гласно Бајден.

“Во секој од овие моменти, доволно од нас се собраа да одиме напред. Историјата, верата и разумот покажуваат напред. Ние мора да се гледаме себеси не како непријатели, туку како соседи. Ние мора да ги запреме конфликтите и да ја намалиме температурата. Без единство нема мир, има само хаос. Ако се обединиме, ќе успееме”, рече тој

-Денеска да одиме повторно заедно, да почнеме да се слушаме и почитуваме едни со други. Ние мора да ја отфрлиме културата во која се манипулираат или дури се фабрикуваат факти, рече тој.

“Драги мои Американци, верувам дека Америка е многу подобра од ова. Кога нашата Унија виси на работ, ние стоиме овде. Ние сме тука каде што д-р Кинг зборуваше за својот сон. Денес ја обележуваме првата жена на местото потпретседател, не ми кажувајте дека работите не се менуваат “, рече тој.

-На сите што не ме поддржуваа – ве молам, слушајте ме. Ако сепак не се согласуваме – нека биде така .. Ова е Америка. Правото на несогласување е една од најголемите сили на оваа земја. Ви го ветувам ова – ќе бидам претседател на сите Американци, на сите. И јас ќе се борам подеднакво за оние што ме поддржуваа, како и за оние кои не ме поддржуваа, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот