Говор на премиерот Зоран Заев на Економнскиот форум за регионална соработка

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Слободен печат го објавува во целост говорот на прмиерот Зоран Заев од отворањето на „Економскиот форум за регионална соработка“ што се одржува во Скопје

Обраќање на ПВРСМ Заев на отворањето на Економскиот форум за регионална соработка
Скопје, х. Александра Палас, 29 јули 2021 година, во 10:00 часот

Почитуван Претседател на Република Србија Александар Вучиќ,
Почитуван претседател на Владата на Република Албанија Еди Рама,
Почитувани претседатели на стопанските комори на Албанија, Србија и Северна Македонија,
Почитувани претставници на бизнис заедниците од Албанија, Србија и Северна Македонија,
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани на Северна Македонија, Србија и Албанија, граѓани на новиот, европски Балкан,
Од денеска започнува нова ера на соработката во регионот.
Денеска во Скопје се претставници на преку 350 компании од Албанија, Србија и Северна Македонија и уште стотина претставници на стопанските комори и на деловните заедници од другите земји од Западен Балкан, како и од повеќе други земји пошироко од регионот.
Овој масовен одзив на нашата покана да учествуваат на овој настан и да бидат активни чинители на уште посилно и поорганизирано поврзување на регионот е силна порака дека Балканот почнува да создава највисоко ниво на разбирање дека економското поврзување и создавањето на динамичен и витален регионален економски простор е заедничка желба и амбиција.
Сакам да ве уверам, а се надевам дека тоа е и очигледно, дека нашата политичка волја, на претседателот Вучиќ, на премиерот Рама и мојата, е израз на нашата максимална посветеност да ги обезбедиме сите услови што зависат од Владите на нашите три земји за ефикасна регионална соработка.
Ова е силна политичка волја. Ова е јасна наша определба за највисок јавен интерес и за добробит на нашите народи – се поврзуваме за развој на нашите економии, за изградба на заедничка економија, за развој на регионот, за подобар живот на секој еден наш граѓанин. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера нашите народи час поскоро да осетат директни, економски придобивки од олеснувањата кои ги обезбедуваме. Очекуваме многу скоро бенефитите да се осетат во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на живот на милиони граѓани.
За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од ЕВРОПСКИОТ Балкан.
И ова што денес го градиме произлегува од европските вредности затоа што во себе, во своите темели ги содржи подеднакво исто четирите слободи на Европската Унија — Слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги.
Ние сме посветени повеќе од кога било на спроведувањето на четирите слободи на ЕУ:
01. Да обезбедиме слободно движење на стоки, преку зајакната инфраструктура на граничните премини, со 24-часовно работно време на сите гранични служби и со проширување на зелените коридори меѓу нашите земји и на Западен Балкан кон ЕУ;
02. Да ги подготвиме сите владини политики за слободно движење на услуги, преку взаемно признавање на професионалните квалификации, воведување систем без дозволи за интер-компаниски трансфери во рамките на шесте земји од Западен Балкан, меѓусебно признавање квалификувани електронски потписи и други доверливи услуги;
03. Да го прошириме слободното движење на луѓето, преку овозможување мобилност на студенти, научници и истражувачи, меѓусебно признавање на професионалните квалификации и со проширување на туристичките понуди и врски во регионот;
04. Дополнително да го олесниме слободното движење на капиталот, преку усогласување на пристапот кон регулаторната рамка на ЕУ за финансискиот пазар.
За остварување на овие слободи, денеска како за почеток, ќе бидат потпишани еден договор и два меморандума за сорботка.
За да ги обезбедиме условите за реализација на овие слободи, го слушнавме апелот на бизнисмените од целиот регион и ги започнавме постапките за сведување на минимум или на целосно отстранување на административните процедури таму каде што е тоа можно.
Во трите земји, во тек е забрзана дигитализација на огромен број административни процеси и бази на податоци.
Го слушаме и го прифаќаме и повикот на деловните луѓе од регионот – „помалку историја – повеќе економија“, за доброто и за иднината на граѓаните.
Нашата цел за интегриран регионален пазар носи дополнителен раст на БДП во регионот, бидејќи поврзани сме посилни. Тоа го го прави Западен Балкан попривлечен, поконкурентен и поблиску до пазарите на ЕУ.
Почитувани,
Неуспехот на ЕУ да ги исполни ветувања за отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, е против европската идеја, против интересите на самата ЕУ и спротивна на определбата за членство во Европската Унија на овие две земји кои ги исполнија сите критериуми за тоа.
Но, ние не можеме да чекаме сите внатрешни проблеми на Европската Унија да се решат за да одиме напред.
Ние сме тука и тогаш кога Европската Унија ќе биде подготвена, ние сме тука – веќе подготвени, со веќе обезбедени олеснувања за нашите граѓани и со веќе развиени економски иницијативи. За нив ќе зборуваме и денес, па се надевам дека ЕУ ќе најде начин да обезбеди и финансирање за истите, особено што голем дел од нив се дел од зелената агенда.
Но, денеска не сум тука за да говорам за Европската Унија. Тука сум за да говорам за нашите граѓани, за нашите земји, за нашите идеи, за нашиот европски Балкан. За Западен Балкан, за овој отворен регион.
За регион и за иницијатива коja денеска ќе се претстави со ново име, име кое ја одразува суштината на новата реалност што денеска ја промовираме сите ние заедно – лидерите, стопанствениците, граѓаните на Албанија, Србија, Северна Македонија и сите други земји од регионот.
Сите заедно му даваме нов импулс на заедничкиот економски простор, на поврзаниот регионален пазар.
Заедничкиот регионален пазар е мотивација за да се поттикнат нови регионални иницијативи насочени кон приближување и за интегрирање со пазарот на ЕУ.
Нашиот регион има приближно 18 милиони луѓе и тоа е многу сериозен капитал за да ги зајакнеме нашите економии. Да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции. Тоа се остварува многу потешко доколку го правиме поединечно.
Со регионално усогласување на политиките за инвестиции и подобра и координирана промоција, ќе ги направиме видливи потенцијалите на економиите на земјите од регионот за да ја зголемат нивната привлечност за странско директно инвестирање.
Нашите земји имаат огромен потенцијал за одржлив раст и развој.
Ќе побараме практична поддршка за да го направиме нашиот регион да биде извор на обновлива енергија за нашите граѓани и за зелената енергетска иднина на ЕУ.
На нас е да направиме се’ што е неопходно да бидат препознаени ресурсите на нашиот регион за зелената транзиција во Европа и ќе ги повикаме Европската унија и Соединетите Американски Држави, да бидат дел од развивањето на овие ресурси. Тоа е нашиот придонес кон европската зелена транзиција.
Дозволете да завршам со уште две поенти.
Силната политичка волја и поддршката што ја добивме од деловните заедници на сите земји во регионот за нов импулс и за ребрендирање на регионалната соработка со многу повеќе динамика и за многу повеќе ефекти е наша, автентична и не-посредувана иницијатива.
Самостојно покажуваме политичко лидерство и грижа за унапредување на соработката, за која овој пат имаме и конкретна акциска програма и убеден сум дека тоа ќе биде препознаено како иницијативност за почит и за поддршка во Брисел и Вашингтон.
Дополнително, сметам дека една таква регионална соработка може да направи сериозен придонес во релаксирањето на политичките односи во регионот.
Ние сме отворени за сите иницијативи кои одат во насока да ja зајакнат регионалната соработка и што го забрзуваат процесот на интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан.
Ова е автентичен, заеднички процес на Северна Македонија, на Албанија и на Србија, но уште од стартот рековме дека иницијативата е отворена за СИТЕ земји од Западен Балкан.
И затоа уште еднаш: Ги покануваме и охрабруваме и останатите нашите колеги да се придружат. Заради нашите народи. Сите сме Балкан, сите сме европски Балкан.
Да ја направиме визијата за заеднички политички и економски простор на Западен Балкан реалност со конкретни придобивки за сите наши граѓани. Да направиме да стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар.
Во тој дух да го засилиме процесот на соработка меѓу нас, во целиот регион и да продолжиме да даваме сѐ од себе за тоа да се случи.
Ви благодарам, посакувам да имаме успешен настан и инспиративни дискусии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот