Гответе како професионалец: Славните готвачи ви ги откриваат своите трикови за подготовка на јајца

Фото: Unsplash

Иако ви се чини дека подготовката на јајца е нешто наједноставно за готвење, сепак не е баш така. Славните готвачи имаат навистина интересни трикови, со кои од овој секојдневен производ приготвуваат деликатесни оброци.

Ако има група луѓе што знае правилно да зготви јајца, тогаш сигурно тоа се професионалните готвачи. Нивните трикови ќе ви помогнат да направите вкусна кремаста кајгана, совршено јајце на око или најмеко поширано јајце.

Пред поширање, варете го јајцето 10 секунди

Со оваа постапка ќе се зацврсти белката и ќе се задржи „обвиткана“ околу жолчката. Трикот го осмислила познатата готвачка и авторка на многубројни наградувани книги за готвење, Џулија Чајлд. Оваа техника ќе помогне да добиете совршен овален облик, а исто така ќе го спречи разлевањето на белката. Сè што треба да направите е да ги ставите нелупените јајца 10 секунди во врела вода, потоа да ги извадите и да ги излупите. Јајцата сè уште ќе бидат сурови, но белката ќе биде доволно стврдната.

Тргнете ја кајганата пред да е целосно готова

Тавите долго време држат топлина, што значи дека храната што е во нив и понатаму се готви, иако се тргнати настрана. Внимавајте кајганата да ја тргнете од оган непосредно пред да е готова. Останатата топлина во тавата ќе продолжи да ги готви јајцата до саканата текстура, советува Џејми Оливер.

Најкремаста кајгана се прави во ладен сад

Гордон Ремзи има едноставен трик за подготовка на совршено кремаста кајгана. Тој советува да почнете јајцата да ги готвите во ладен сад, со малку путер и постојано мешање. Кога ќе се загрее тавата, тргнете ги јајцата од оган и продолжете со мешање. Оваа едноставна и бавна техника за подготовка на кајгана ќе резултира со кремаста текстура.

Пред послужување јајца, загрејте ја чинијата

Можеби звучи невообичаено, но ладната керамика брзо ја извлекува целата топлина од јајцата, тврди готвачот Алтон Браун. Претходното загревање на чинијата ќе овозможи јајцата да останат топли, меки и вкусни. Едноставно ставете ја чинијата во загреана рерна (не врела) и потоа во неа сервирајте ги јајцата.

За кајгана без грутки, процедете ги јајцата низ цедилка

Откако ќе ги изматите јајцата, процедете ги низ цедилка. Со оваа постапка ќе избегнете создавање грутки во кајганата, препорачува американскиот готвач Томас Келер.

Поширајте ги јајцата во мали вреќички

Марта Стјуарт советува користење пластични вреќички при поширање на јајцата. На овој начин сè што треба да направите е да ги спуштите вреќичките во врела вода и да ги оставите. Тие вреќички ќе помогнат јајцата да останат цели и ќе спречат да се оддели белката во водата.

Загрејте ја лажицата во врело масло пред да ги вртите јајцата

Со загревање на металната лажица во врело масло ќе спречите јајцата да се залепат за неа при вртење. Само навалете ја тавата, така што маслото ќе биде на едно место и во него загрејте ја лажицата. Помала е веројатноста да се залепат јајцата на врела површина, тврди готвачот Хозе Андрес.

 

Видео на денот