Готвачот кој стана близок пријател со диктатор: Со децении ги ужива привилегиите на северонокорејската династија Ким

Фото: YOSHIKAZU TSUNO / AFP / Profimedia

Кенџи Фуџимото дошол во Северна Кореја во есента 1982 година, чекајќи на изградбата на ресторан во Пјонгјанг за кој бил најмен да работи преку Јапонско-севернокорејската трговска комора. Во октомври шефот на ресторанот го повикал во паника, ургирајќи што побрзо да набави сѐ што му е потребно да послужи суши за 20 луѓе. За него пристигнале три „мерцедеси“ и два часа подоцна тој стигнал до објектот кој се наоѓал на морскиот брег, пишува „Вајс“.

Во два часот наутро, конечно од него побарале да ги послужи гостите со суши. Вечерта поминала без никаков проблем, а еден гостин го прашал Фуџимото која врста на риба е послужена во ресторанот и побарал репете. Два дена подоцна, по враќањето во Пјонгјанг, Фуџимото се „смрзнал“ кога ги видел хостесите во локалниот весник. Човекот кој барал репете бил на целата насловна страна. Дури тогаш тој сфатил дека му сервирал вечера на синот на тогашниот севернокорејски лидер Ким Ил-сунг, идниот диктатор Ким Јонг-ил.

Набрзо потоа повторно се појавил еден „мерцедес“ – Ким Јонг-ил бил гладен. Фуџимото го пренеле во банкетната сала број осум, некаде во срцето на севернокорејската престолнина. Оваа рутина се повторувала во текот на следните десет дена, но Фуџимото никому не кажувал дека подготвува оброци за идниот лидер. Ким Јонг-ил толку ја ценел кујната на Фуџимото што му подарил „мерцедес В450“ и севернокорејска возачка дозвола. Двајцата така започнале уникатен однос, а пријателството меѓу готвачот и диктаторот е опишано во книгата „Готвачот на диктаторот“, објавена во Франција оваа година.

Нивната приказна се случува во мрачниот период за Северна Кореја – напади и обиди за убиства го одбележувале политичкиот живот, а жителите буквално умирале од глад – околу милион луѓе во деведесетите години од минатиот век починале од недостаток на храна, додека елитата живеела во најголем луксуз.

Ким Јонг-ил во 1988 година побарал од Фуџимото да стане негов личен готвач, што значело живот во близина на лидерот. Откако се нашол во најблискиот круг на диктаторот, Фуџимото набрзо започнал да добива многу подароци, вклучувајќи и клавир, камера „Сони“ и седиште со греачи за неговиот тоалет. Ким Јонг-ил дури ѝ го запознал со млада пејачка и шампионка во бокс, Ом Јонг Нјо. Партнерите се венчале, а диктаторот не само што организирал свадба, туку му го конфискувал и пасошот на својот готвач за да ја обезбедни неговата лојалност.

Фуџимото се сеќава како се разбудил за време на банкетот по венчавката, откако испил едно шише виски и заспал, за да открие дека некој му ги избричил срамните влакна, додека бил во несвест. Готвачот тврди дека опивањето било дел од животот на внатрешиот круг на диктаторот.

На забавите Ким често барал од гостите брзо да го пијат својот коњак. Фуџимото тврди дека Ким за време на една вечерна пијанка на една од неговите јахти уринирал во пластична кеса, потоа ја вртел над неговата глава и ја фрлил во морето.

Готвачот кога набавувал артикли, не користел автомобил туку авион. По овошје одел во Сингапур, по кавијар во Русија или Иран, а по риба во родната Јапонија. Неговиот персонал морал да го прегледува секое зрно ориз и само оние со перфектен изглед да ги стави во чинијата на диктаторот, кој во меѓувреме го засакал јадењето икизукури – риба која се јаде сирова, но и инстант-нудлите.

Иако животот во изолираната држава му се допаѓал на Фуџимото, диктаторот не пропуштал да го потсети дека тој е шефот. Така на пример за време на возење на џет-ски на реката Јала, Фуџимото победил. Тој мислел дека го импресионирал Ким, но еден месец подоцна тој побарал реванш, а сега имал нов, помоќен модел. Овој пат тој убедливо го победил Фуџимото.

Неколку години подоцна, готвачот навистина сфатил што значи да го изнервира диктаторот. Поради тоа што не ја исчистил собата во едно од неговите зданија, Фуџимото е осуден на шест месеци принудна работа во гимназија во Пјонгјанг, каде морал да прави суши.

И покрај сѐ, Фуџимото не размислувал да ја напушти Северна Кореја, сѐ до почетокот на новиот милениум, кога е осуден на две години куќен притвор поради патување во Јапонија – лидерот се посомневал во неговата лојалност. Кога сфатил дека среќата му го „свртела грбот“, Фуџимото испланирал да побегне по истекување на рокот на куќниот притвор.

Во март 2001 година, Фуџимото на Ким му покажал една снимка посветена на јадењето уни-дон, направено од морски ежиња и ориз. Ким се воодушевил, а Фуџимото веднаш понудил да донесе најдобри морски ежиња од јапонскиот остров Хокаидо. Диктаторот прифатил и Фуџимото еден месец подоцна влегол во авион за Јапонија, со малку поголем куфер од вообичаеното. Ја напуштил Северна Кореја и Ким, но речиси две децении подоцна ситуација повторно се променила, кога синот на диктаторот, актуелниот лидер на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, го повикал да се врати во 2013 година. Фуџимото трајно се вратил во Пјонгјанг во 2017 година, каде има отворено ресторан за суши и локал за нудли.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот