„Готен“ ја објави збирката раскази „Два света“ од словенечката писателка Сузана Тратник

Издавачката куќа „Готен“ ја објави збирката раскази „Два света“ од словенечката писателка Сузана Тратник. Преводот од словенечки јазик е на Дарко Јан Спасов.

Авторката Сузана Тратник е една од најистакнатите современи словенечки писателки. Пишува раскази, романи, публицистички и теориски дела. Се смета за една од зачетничките на ЛГБТ-сцената во поранешна Југославија.

Како и во другите нејзини книги, и во „Два света“ авторката се занимава со лезбијските искуства и прашањата поврзани со општествените норми. Хомосексуалната перспектива е дадена низ призмата и на младешкиот и на возрасниот живот. Ликовите во книгата како да се заробени во два различни света, при што она што се споделува е чувството на изолација и живот на општествените маргини.

За Тратник, љубовта е средишна точка во која се вкрстуваат многубројни лични, општествени и политички прашања, убедувања, конвенции и стереотипи. Авторката е мајстор за создавање атмосфера на интензивна емотивна тензија меѓу ликовите, тензија која често не е искажана, туку само насетена. Затоа самата атмосфера ја има улогата на клучен „играч“ во расказите. Додека напнатоста тивко бабри под површината на односите, ликовите се на чекор до експлозија, која би значела и откривање и ослободување.

Дарко Јан Спасов е преведувач и драматург. Преведува од словенечки и англиски јазик. Од словенечки на македонски јазик превел книги од Драго Јанчар, Броња Жакељ, Станка Храстељ, Томаж Космач, Андреј Розман Роза, Себастијан Прегељ, Цветка Бевц и други. Издавањето на книгата „Два света“ од Сузана Тратник е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 108, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5 декември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот