Господ нека ни е напомош?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Господ да помогне во справувањето со корупцијата, да ја намали ерупцијата на криминалот и конечно да го спречи лажењето и крадењето. Да се замоли ред да стави не само во внатрешната, туку и во надворешната политика…

Ние луѓето сме дојденци на земјата. Ќе го изживееме животот и пак ќе се вратиме назад кон небото. Таму животот е ем подобар, ем вечен?! А овде поминуваме само дел од таквото наше битисување. Значи, во прашање е вечното живеење, а не животот?! Кој сака тоа да го има и да го помине во „раскош и благосостојба“, мора да биде вистински верник, послушник и слуга на Бога. Само Господ може да помогне и да ни ја даде вечноста. А тоа треба да го заслужиме за да не прифати, да ни ги прости гревовите и испрати во „рајот“. Цела таа процедура е божја работа, а наше е да бидеме трпеливи и да го чекаме „доброто“ да ни се случи?!

Тоа е вистинско одење по патот на Господа кој се правел и се уште прави само добро да ни направи?!  Тој може да лекува и здравје да дарува, невреме да спречи и пустош да залечи, може на сите несреќи и закани да им се спротивстави и да ги отстрани. Единствено што се бара од нас е да веруваме, да сме богослунжни и послушни.

За тоа колку е голем, семоќен и добронамерен Господ слушавме и во посланијата на некои духовници и претставници на МПЦ по повод велигденските празници. Фаворизирајќи ја силата на Бога во контекст на мерките за намалување на ширењето на коронавирусот, отец Сашко Николовски рече дека се надева многу брзо Господ да интервенира и во оваа загроза зашто тој „ако допушта некое зло, го допушта заради наше оправување, бидејќи знае секое зло да го изведе кон добро“.

Треба да им се верува на поклониците на религијата и да се бара излез од тешката состојба во која сме сите затекнати, бидејќи досегашните напори и постапки на одговорните ништо не ветуваат, а се повеќе не заглавуваат. Колку е потребно да му веруваме на Бога, верниците и практично ни докажуваа на Велигден причестувајќи се од иста лажица со надеж дека на тој начин не се пренесува болеста, туку напротив, се зајакнува и имунизира организмот?! Кој знае, можеби е тоа вистина, ако набрзо не се увериме во спротивното?!

Но, не треба многу да се чека на уверувањето?! Не е лошо во меѓувреме да се изготви агенда за обраќање до Господа и да се бара спас од злото што не демне. Бездруго, на прво место да се стави справувањето со пандемијата за да се подобри здравјето и намали умирачката на оболените од коронавирусот?! Потоа со ред на список да се стават сите проблеми што не ни дозволуваат глава да кренеме и поасолно да живееме. Да му се каже на Господ поголемо внимание да и посвети на економијата и да не дозволи нејзино натамошно опаѓање поради пандемијата. Колку што може повеќе да интервенира во законодавството и правосудството, па да ги запраша што прават и што работат пратениците, најпосле, ако треба (а треба) и за уши да ги повлече.

Господ да помогне во справувањето со корупцијата, да ја намали ерупцијата на криминалот и конечно да го спречи лажењето и крадењето. Да се замоли ред да стави не само во внатрешната, туку и во надворешната политика и да  ја укине секуларноста на државата, зашто е очигледно дека не може без религијата да се справува со современите предизвици?! За интегрирањето во Европската Унија посебно да му се објаснат критериумите и кластерите за влез во оваа„најдемократска“ асоцијација?!

Во обраќањето до Господа треба да се нагласи неговата улога во трансформацијата на образованието и дигитализацијата на системот за управување. Исто така, нему да му се допушти да го каже последниот збор за нашето потекло и да одреди дали е Гоце наш или бугарски?! Така, да не набројуваме што уште се треба да се праша и за што да одлучи Господ?! Во оваа наша рашомонијада, единствено тој може да ни помогне. Па, Господ нека ни е напомош. Амин!

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот