Поранешниот македонски репрезентативец, Горан Ѓоргоноски, како гостин МРТВ, ја анализираше играта на Македонија на Светското првенство во Египет, но и зборување за иднината.
Ракометарите денеска загубија од Белорусија со 26:30 и со скор од пет порази и една победа го завршија настапот на Мундијалот во Египет.
– Ова не е големо изненадување и разочарување. Велиме дека ракометот е спорт број еден, но тоа не е така, добро знам бидејќи работам во бази и селекции, се зависи од перцепцијата од јавноста. Ги закривавме проблемите со Миркуловски, Стоилов, Мојсовски. Некои работи беа скриени, сите беа во длабока заблуда. Ракометна велесила не е земја која дава европски првак, ракометна сила е земја која има силна лига, репрезентација која прави добри резултати со години – анализира Ѓоргоноски за МРТВ.
Поранешниот стандарден репрезентативец смета дека по повлекувањето на Кире Лазаров од националниот тим, иден лидер треба да биде Филип Кузмановски.
– Ние од оваа репрезентација мораме да го истрпиме Филип Кузмановски и затоа треба да му се дадат сите можности за тој да се развие и треба да градиме на него во следните четири пет години. Тука исто така е Серафимов, Пешевски како најискусен. Тоа што треба да не загрижува е дефанзивата. Бидејќи јас во моментот не гледам многу опции кои што може да ја преземат играта во одбрана. Имаше овде играчи кои што покажаа дека тука не им е местото, без разлика како се викаат. Филип Талески мора да најде решение како да се ресетира. Тој ни е потребен на нас и затоа мора да му се помогне тој ако не е Вардар нека биде друг клуб да игра и да решава ситуации и да се докаже пред себе си – смета Ѓоргонски.