Ѓоргиевска на Меѓународниот ден на жените и девојки научнички: Со заеднички сили за надминување на бариерите

На иницијатива на Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на македонскиот претседател Стево Пендаровски, а по повод Меѓународниот ден на жените и на девојките научнички, денеска се одржа тематска дебата „Професионални и лични предизвици со кои се соочуваат научничките во Република Северна Македонија”.

Обраќајќи се пред присутните, Ѓоргиевска рече дека одбележувањето на овој ден е можност за подигнување на јавната свест за потребата за зголемување на бројот на жени и девојки научнички, соопшти Кабинетот на претседателот.

– Овозможувајќи им еднакви можности за образование на девојките, ги поттикнуваме да не го напуштат образовниот процес и во иднина да бидат дел од науката, нагласи Ѓоргиевска, додавајќи дека сите заедно треба да работат на надминување на бариерите за девојките и жените во науката.

– Повеќе жени во науката е важна тема и за „Агендата 2030“. До 2030 година земјите во светот треба да изградат отпорна инфраструктура, да промовираат инклузивна и одржлива индустријализација и да поттикнуваат иновација. Оваа цел не може да се оствари без еднакви можности за жените научнички и истражувачки. Нееднаквиот пристап на жените и девојките до СТЕМ- областите е кочничар за одржливиот развој. Со својот придонес, жените научнички можат да го забрзаат темпото и да помогнат да се надомести загубеното време во постигнување одржлив развој, рече Ѓоргиевска.

Говорејќи дека бројот на научнички во одредени академски дисциплини во земјава е на повисоко ниво од многу други земји, Ѓоргиевска нагласи дека за подобри резултати, потребен е долгорочен ангажман преку инвестирање во образовен систем кој ќе нуди еднакви можности за сите.

– Верувам дека со ангажман од државата, академската заедница и бизнис-заедницата, можеме да успееме. Да охрабруваме платформи, програми и инкубатори за жени и за девојки истражувачи во СТЕМ-областите. Да се стремиме кон општество и кон образовен систем што ќе ги охрабрува девојките да студираат во СТЕМ-области и притоа да го дадат најдоброто од себе за да бидат позитивен пример не само за својата, туку и за наредните генерации. Да бидеме катализатор на промени за подобро општество за секој од нас, истакна сопругата на претседателот, Ѓоргиевска.

Дискутирајќи за предизвиците од институционална природа, Елисабета Бајрами Ологу, предавач и раководител на Одделот за социјална работа и социјална политика на Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје ја истакна потребата од истражувачки центри, како и поголема финансиска поддршка за докторантите од областа на истражувањето.

Проф. д-р Јасмина Петреска Станоева, вонреден професор на Природно-математички факултет, говорејќи за родовата димензија во науката истакна дека девојчињата треба уште од мали да се охрабруваат да истражуваат. Според неа, културата на менторство треба да се издигне на многу повисоко ниво и како ментори на млади девојки во академска средина мора да бидат отворени во врска со предизвиците со кои се соочуваат жените во науката.

На хибридниот настан, учествуваа научнички кои дискутираа на повеќе теми осврнувајќи се на личните и на професионалните предизвици со кои се соочуваат, на влијанието на пандемијата ковид-19 во нивната секојдневна работа, како и за вклученоста на научничките во високото образование и научната работа.

Тема на годинашниот виртуелен настан во Обединетите нации за одбележување на 6. Меѓународен ден на жени и девојки научнички е „Надвор од границите: еднаквост во науката за општеството”, со посебен фокус на вредноста на социјалните аспекти и културните димензии во науката, технологијата и иновациите за подобрување на програмите за одржлив развој, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот