Ѓоргиев: Лингвистите во Бугарија со став дека македонскиот јазик не постои

Нова бура беснее на релација Софија-Скопје, откако вчера Бугарската академија на науките (БАН) усвои став дека македонскиот јазик не постои и дека тој е „писмено-регионална норма на бугарскиот јазик”. Постапката на БАН е одговор на потегот на Собранието на МАНУ, кое на 3-ти декември усвои Повелба за македонскиот јазик, во која ги изнесе научно признатите факти за македонскиот јазик.

Историчарот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, вели дека не е изненаден од ваквиот став на БАН, пренесува Дојче веле.

-Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но, ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката Комисија- вели Ѓоргиев.

Според него, ваквата атмосфера доминирала и на состаноците на Комисијата. Неговите бугарски колеги во разговорите избегнувале во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“, „македонска култура“.

До неодамна, во записниците за работата на Комисијата се користеле термините „македонската страна“ и „бугарската страна“, но од последните два состанока во употреба бил друг термин: „историчарите од Република Северна Македонија“. Избегнувањето на придавката „македонски“ го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и Комисијата како тело формирано од Владата.

-Не може да се разговара за градење добрососедство ако ја негираат нашата историја од втората половина на 19. век до 1944 година, и ако владее ставот дека во 1944 година со декрет сме станале Македонци во федеративна Југославија- вели Ѓоргиев.

Според него, ако сме две земји со испреплетена историја, и ако Бугарија очекува да израснеме во однос на некои прашања од минатото, тогаш и Бугарите треба да израснат во однос на прашања од сегашноста.

-Само така може да се направи чекор напред- вели Ѓоргиев, кој во потегот на БАН не гледа пример што води кон тоа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот