Гореше дива депонија во делчевско, спречен поголем пожар

Пожар/ илустрација Фото: EPA-EFE

Жители на делчевското село Ѕвегор, заедно со тим на пожарникари од градот, попладнево спречија пожар од поголеми размери над селото. Пожарот го забележале жители на Ѕвегор меѓу кои и Ванчо Новоселски, кој го пријавил до Територијалната противпожарна единица во Делчево.

– Пожарот, заедно со моите роднини Сретен и Миле го забележавме на запалена мини-депонија која гореше над селото, а во истиот гореше пластика и друг вид лесно запаливи материи. Веднаш ја известивме противпожарната единица, која со свој тим и возило брзо ни се приклучија во акцијата и го совладавме огнот, изјави Новоселски за МИА.

За Новоселски ваквата појава е разочарувачка, ако се има предвид фактот што пред само 2 месеци изгоре поголем дел од шумата во горниот дел на Пијанец. Според него, истото можело да се случи и денес, најмногу поради силниот ветар, кој лесно можел да го префрли огнот во блиската шума и со тоа да предизвика огромна штета од несогледливи размери.

– Палење на оган во близина на шума, после она што ни се случи летово е незамисливо, бидејки сите сме сведоци колкава површина од пламените јазици изгуби територијата на Пијанец. Поради ова јас лично ќе се заложам да се најде сторителот кој ја запалил депонијата и да одговара за својот чин, дециден е Новоселски.

Тој изрази голема благодарност до делчевските пожарникари за брзата интервенција и нивна поддршка со цел да се избегне најлошото сценарио.

Видео на денот