Горд и тажен, денеска го славам протестот

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Џабир Дерала

Не сакам да пишувам пригодни текстови. Не знам дали овој, на крајот, ќе испадне токму таков. Но, ова што денеска сакам да го споделам е невешто изразено чувство на спомен. Се чувствувам горд, но истовремено и тажен. Знам, многумина ќе ги разберат и двете чувства. А, откако ќе го завршам ова денешно писание и ќе го испратам на објавување, дури тогаш ќе ми надојдат уште мисли и спомени. Ќе ги сочувам за првата следна прилика. Сега, да прославиме!

Денеска, 12 април 2019, ќе го славам протестот. Зошто? Затоа што падна режимот на Груевски и Фамилијата. Падна еден авторитарен, насилнички режим. Затоа ќе го славам и ќе бидам горд на секој изминат километар по скопските улици, македонските патишта и плоштади на сите македонски градови. Горд сум и ќе се сеќавам дека протестирав против неправдите.

Точно е, датумот коинцидира со почетокот на Шарената револуција која непосредно доведе до пад на режимот. Но, заедно со моите другарки и другари низ целата наша Северна Македонија, согласни сме дека овој датум ќе го одбележуваме во чест на сите протести против неправдите на било која власт или центар на моќ.

Затоа, денеска, ќе го славам протестот со моите другарки и другари. И ќе се сетам на Архибригада, на Протестирам/Protestoj, Стоп за полициската бруталност, Студентскиот пленум, средношколскиот, професорскиот… протестите на стечајците, протестните маршеви за мир и ненасилство… Ќе се сетам, колку што можам, на сите герилски акции во Скопје, Битола (не е на продажба), Велес, Струмица… Нема толку простор, ниту време да се набројат и сите изблици на групен и индивидуален протест што го изразувавме сите овие години. Со посебна радост ќе се сетам на мојата промоција на збирката „Кој ќе ја плати сметката?“ во Кампот на слободата пред (ружна ви е) Владата во 2016 година…

И ќе се сетам, со горчина и презир, на сите контра протести, кога режимот ги третираше уценетите и манипулираните луѓе, да се тискаат по автобуси, меѓу метални решетки, како добиток, да градат лажна слика за лажниот патриотизам и лажните вредности, во одбрана на разулавените властодршци, чии злодела оставија крвав печат на нашето општество засекогаш… И ќе се смеам кога центрите на човечката беда ќе одговорат со повик да се одбележува нивен ден, што јас ќе го наречам ден на контра протестите. Не знам за вас, но јас никогаш нема да ги заборавам сите оние што работеа за режимот, а сега се дел од новата власт.

Не се боревме ЗА некој да дојде на власт, туку се боревме ПРОТИВ корумпирана, насилничка и зла власт. Не протестиравме од ќеиф и забава, туку затоа што имавме мака и чувствувавме и сѐ уште чувствуваме одговорност. Не го посветуваме овој ден само на бескрајните многуилјадни колони во годините зад нас, туку на секој човек што трпи или ќе трпи неправда.

И ќе протестираме секогаш и секаде каде што има неправда, против секој што, од позиција на моќ, ја причинува таа неправда. Протестот е фундаментално (темелно) човеково право. Исто како правото на живот. Протестот е живот, животот е протест. За да останеме човечки битија… За да се движиме напред низ животот, за идните генерации да не се срамат од нас. За улиците да не ги освојат оние што делат, мразат и крадат. За животот да не биде загрозен од оние што бараат смрт за некого, затоа што е различен. За да не нѐ лажат. Да, ќе протестираме!

И ќе бидам горд денеска. А овде, нема да ги споделувам причините за тагата. Ќе чекам таа да прерасне во протест.

П.С. До изборот на овој датум за Ден на протестот дојде по разговори и соработка со фотографот Александар Кондев и неговиот другар Кирил Михаилов минатата, 2018 година, две години по кулминацијата на протестите против авторитаризмот во нашата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот