Ѓорчепетровци мака мачат да запишат дете во градинка: УШТЕ ЈА ЧЕКААТ НОВАТА ГРАДИНКА ВО ВОЛКОВО

Фото: МИА / илустрација

Изградба на нова детска градинка во населеното место Волково, проширување на капацитетите на постојната градинка Димитар Поп Георгиев- Беровски и реконструкција на детската градинка во Дексион, беа дел од ветувањата во предизборната кампања на актуелниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, кои се уште чекаат на реализација.

А, чекаат и граѓаните кои мака мачат при упис на децата во градинките во Ѓорче. Една од нив е Ивана, мајка на 3 ипол годишни близнаци, која документи за упис на децата во градинка доставила до општинската служба, кога нејзините деца биле три месечни бебиња. Денес, по три години, децата се уште се на список за чекање. Револтираната мајка, веќе изгубила надеж дека некогаш нејзините деца ќе ги запише во градинка, бидејќи, како што вели, ќе дојде време да започнат со училиште додека се ослободи место во градинките.

Жителка на населбата Даме Груев, позната како Геге исто така се жали дека нејзиното дете една година чека да биде ставено на листа за упис во градинка.

– Лани поднесовме документи и ни рекоа ќе почекате да биде ставено на листа за чекање. И еве чекаме, една година. Пред некој ден се јавивме во градинката, ни рекоа деновиве ќе не информираат. Минатава година се снаоѓавме некако со сопругот за чување на детето, но сега веќе не можеме. Имаме работа, а и бабите се млади, не се во пензија и не можат да го чуваат внучето – се жали мајката.

Нејзиниот проблем го делат уште многу други жители на оваа скопска општина, кои според своите можности се снаоѓаат околу грижата за децата, додека се на работа. Според зборовите на заменик раководителот на секторот за урбанизам и комунални дејности Никола Лазаревски, за едно место во градинка во Ѓорче, пријавени се дури четири деца.

„Очекуваме проблемот со запишување деца во градинките да се реши со изградбата на новата градинка во Волково, која ќе биде лоцирана во близина на спортскиот центар „Бранители“, ќе има капацитет за 175 деца, и ќе биде изградена и опремена по сите европски стандарди“, вели Лазаревски, без да прецизира кога ќе започне изградбата на градинката.

Како што информираше тој, општината е подготвена за две недели да даде одобрение за градба, проектот е веќе изработен, но се чека последниот збор да го даде Министерството за труд и социјална политика.

Одговор побаравме и од МТСП, од каде што ни потврдија дека општината е влезена во проектот на Светска банка за обнова и развој, за изградба на градинка во Ѓорче Петров.

„МТСП наскоро, по комплетирање на документацијата, ќе потпише договор со општина Ѓорче Петров, за изградба на детска градинка“, ни одговорија од министерството, без да прецизираат точен датум.

Покрај изградбата на новата градинка, за наредната година планирани се и активности за реновирање на објектот „Детелинка“, во близина на ОУ „Мирче Ацев“, информираат од општина Ѓорче Петров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот