Ѓорче Петров: Граѓаните ќе протестираат додека општината не се фати за работа

Жителите побараа асфалтирање на неколку улици и отстранување на сите дивоградби кои се изградени без одобрение за градба и во близина на пругата.

Веќе пет дена протестираат жителите од неколку улици во Општина Ѓорче Петров, барајќи решавање на неколку, за нив многу значајни проблеми. Тие во деновите од викендот по неколку часа ја блокираа улицата Радушка со автомобили и најавија дека протестите ќе траат сѐ додека локалната власт не почне активно да работи, но и да расчистува со урбаната мафија во Ѓорче Петров.

Од Општина Ѓорче Петров деновиве објаснија дека состојбата на улицата Радушка е резултат на подземните работи кои етапно се решаваат во изминатите три години и согласно средствата со кои располага општината, ќе следи асфалтирање на останатиот дел на улица Радушка.

Протестот го организирaа жители од улиците Знеполе, Македонска преродба, Ѓурчин Кокал, Радушка и Црногорска, кои тврдат дека станува збор за непартиски протест организиран од граѓани кои ги обединуваат локалните проблеми и инертноста на локалната самоуправа.

– Причината за овој протест е ставање крај на урбаниот хаос во Општината Ѓорче Петров, кој е поддржан од локалната власт. Од овде сакаме да упатиме неколку барања до градоначалникот Александар Наумоски и Советот на Општина Ѓорче Петров – изградба на канализациска мрежа  на улиците Радушка и Црногорска, асфалтирање на улица Радушка, која веќе една година е раскопана, асфалтирање на улицата Црногорска и Кузман Шапкарев, како и остатокот од улицата Знеполе, и отстранување на сите дивоградби кои се изградени без одобрение за градба и во близина на пругата, без да се почитува законското растојание од 20 метри – рече Стефана Божиновска Аврамоска од Иницијатива на граѓани од улица Радушка.

Таа им порача на локалните власти и оние кои ги поддржуваат да престанат со притисоците врз протестантите и побара итно и неодложно решавање на овие проблеми.

Во знак на поддршка, на протестите се приклучија и од Иницијативата против урбано дивеење во Ѓорче Петров, кои во изминатите месеци одржаа неколку протести против урбаниот хаос во општината, барајќи ревизија на планови со кои се планира изградба на згради и висококатници во Хром, Дексион и неколку други локации.

– Сакаме да напоменеме дека за секоја форма на вакви дејствија, за дивоградби, за урбанистички хаос, секогаш ќе бидеме на страна на граѓаните и ќе им дадеме поддршка – вели Горан Костов од  Иницијативата против урбано дивеење.

Од Општина Ѓорче Петров уште првиот ден од протестите објаснија што се случува на Радушка и зошто улицата сѐ уште не е целосно реконструирана, но и дека за сите објекти за кои не постои постапка за легализација, општинската градежната инспекција има поведено постаки кои се во тек.

– Во однос изградба на нови објекти, градежната инпекција има регистрирано едно оградување на плац на приватно земјиште каде е сопрен обидот за иградба на објект од страна на сопственикот на земјиштето – рекоа од Ѓорче Петров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот