Голгетерот од Стенче што тресеше мрежи од Белград до Јужна Америка

Фото: Кузман Сотировиќ во репрезентацијата на Југославија

Надарениот стрелец, како член на БСК со шест гола бил најдобар стрелец во првото југословенско првенство во 1927 година, а во петте средби за тогашната репрезентација на Југославија постигнал два гола, и двата против Романија, на неговото деби во националниот дрес.

Благоја Видиниќ не е првиот олимпиец од Македонија, туку Кузман Сотировиќ, кој настапил на Олимписките игри во Амстердам, во 1928 година, како фудбалер на тогашна Југославија. Сотировиќ, родум од Стенче, Тетовско, со шест гола е и најдобар стрелец во првото југословенско првенство во 1927 година.

Историчарот и професор на Факултетот за физичка култура, сега во пензија, д-р Душан Станимировиќ, истражуваше и собра бројни извештаи и фотографии од неговите настапи што пред неколку години ги објави во книгата „Кузман Сотировиќ – олимпиец и голгетер“. Претходно, спортскиот новинар Миодраг Мицковиќ прв го обелодени овој интересен податок во „Утрински весник“.

Станимировиќ, користејќи новински написи и други извори, на повеќе од 300 страници ја раскажува приказната на Сотировиќ, кој е роден во 1908 година, во пекарско семејство, а на негова петгодишна возраст семејството му се отселило во Белград. Таму почнал да игра фудбал, а со 19 години станал првотимец на Белградскиот спортски клуб (БСК). Истата година, со шест гола постиганти гола бил најдобар стрелец во југословенско првенство, кое во 1927 година се одржало за првпат во таков формат.

Фото: Кузман Сотировиќ, првиот олимпиец од Македонија

Станал олимпиец како „лута резерва“

И Македонската енциклопедија и ФФМ потврдуваат дека Сотировиќ е прв спортист од Македонија што станал репрезентативец на Југославија. Во периодот 1928 – 1931, играл петпати за Југославија и дал два гола. Дебитирал на натпреварот против Романија (3-1) одигран во Белград, на 6 мај 1928 година. Тие два гола била добра препорака селекторот Анте Пандаковиќ да го вклучи во првиот состав и за Олимписките игри во Амстердам во 1928 година.

„Ставањето на Сотировиќ на десно крило било сепак најсреќно решение кое во Амстердам можело да се донесе. Вистина е дека Сотировиќ за првпат во животот игра на тоа место. Но точно е и тоа дека тој за тоа место е поспособен од Бабиќ“. Овој цитат д-р Станимировиќ го извадил од белградскиот весник „Политика“, кој на 30 и 31 мај 1928 година известувал за натпреварот Португалија – Југославија (2-1). Од ЛОИ во 1928 година, Југославија била елиминирана по овој пораз од фудбалскиот олимписки турнир, на кој учествувале 17 репрезентации. На враќање од Амстердам, националниот тим на Југославија ја победила репрезентацијата на Париз со 3-1, пред очите на славниот Жил Риме, тогашен претседател на ФИФА, чие име го носеше и пехарот за освојувачот на Светското првенство.

Фото: Проф. д-р Душан Станимировиќ

БСК, инаку, во пролетта 1927 година, како првопласиран во Белградскиот топкарски потсојуз, се пласирал на државното првенство, во кое настапиле уште и Хајдук Сплит, ХАШК Загреб, Илирија Љубљана, САНД Сараево и САШК Суботица. На крајот од првенство, Хајдук бил прв и заедно со БСК се пласирале во Средноевропскиот куп, во кој Сотировиќ имал неколку настапи. Наредна година, заминал во Монпелје, Франција, но морал да почека една година за да има право на настап. Угледот на југословенските фудбалери пораснал по освоеното 4.место на првото Светско првенство во Уругвај. Во 1930 година, Сотировиќ му пристапил на ФК Сет, клуб од југот на Франција, освојувач на францускиот Куп, за кој веќе настапувале Југословените Иван Бек и Љубиша Стефановиќ. Во шесте настапи за Сет, Сотировиќ постигнал еден гол, вели статистиката што ја направи д-р Станимировиќ.

Искуствата со Монпелје и Сет во Франција

Во 1931 година, Сет бил на турнеја низ Југославија, каде што не оставил најдобар впечаток. Во 1932 година, напаѓачот од Стенче решил да се врати во татковината и до крајот на кариерата настапувал за тимовите на БСК, Сокол и Единство. Заедно со славните Моша Марјановиќ и Тирнаниќ, бил во составот на Југославија сè до 1931 година, кога за последен пат настапил на мечот против Бугарија, на Балканскиот куп. Наредната година добивал се помалку шанса да игра.
„Причините за тоа секако лежат во односот на тренерот Немеш од Унгарија и управата на клубот. Притоа не е исклучено влијанието на браќата Марјановиќ да се оневозможи Сотировиќ да му конкурира на Никола…“, напиша во својата книга Станимировиќ.

Фото: Книгата за Сотировиќ, чиј автор е проф. д-р Душан Станимировиќ

По крајот на фудбалската кариера, во средината на 30-тите година на минатиот век, живее во Париз, каде што и починал на 25 јули 1990 година. По смртта, по негова желба, телото му е пренесено во Белград и погребан е на Ново гробље.

Играл и во тимот на Народната банка

Сотировиќ, кој во Википедиа може да се сретне и со презимето Сотировски, е роден на 16 октомври 1908 година, во Стенче. Според Станимировиќ, авторот на книгата посветена за него, Сотировиќ се вработил во Народната банка во Белград, најверојатно во 1932/33 година, за чиј тим настапил на пријателски меч против колегите-банкари од Бугарија.

Дал пет гола за Хајдук на турнеја во Јужна Америка

Интересно е да се одбележи дека сплитски Хајдук го вклучил во својот тим за турнејата во Јужна Америка. По долгото прекуокеанско патување, според евиденцијата на д-р Станимировиќ, Сотировиќ таму играл на 12 средби, во Јамајка, Перу, Чиле и Аргентина, и постигнал 5 гола. На некои средби присуствувсале и по 20.000 гледачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот