Големото бриселско „Z“

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Во брзање да ја награди жртвата на руската агресија, ЕУ направи грешка за шест земји од Југоисточна Европа, од кои некои со децении чекаат на пристапни преговори.

И би самит. Поточно два. Првиот, помеѓу лидерите на Европската Унија и Западен Балкан, донесе многу разочарувања, дури и горчина. Вториот, поради официјалната поддршка за кандидатурата на двете источноевропски земји, беше прославен како историски.

Вишокот политичка волја кон Украина се мери со дефицитот на таа волја кон Западен Балкан. Тоа е неизбежна споредба. Преовлада геополитичката волја. Во брзање да ја награди жртвата на руската агресија, ЕУ направи грешка за шест земји од Југоисточна Европа, од кои некои со децении чекаат на пристапни преговори.

Украина и Молдавија, која се уфрли во пакетот, добија кандидатски статус со брзина без преседан во историјата на Унијата. Украина се кандидираше веднаш по руската инвазија на 24 февруари, а еден ден подоцна Молдавија и Грузија, кои ќе мора да почекаат.

Значи, сè може ако се сака. Се покажа дека Украина доби кандидатски статус најмногу поради војната на нејзина територија. Никој не ја доведува во прашање едногласно потврдената намера на 27-те членки да ја наградат Украина со симболичен гест на солидарност и мотивација, но…

Ако гестот кон Украина не е доведен во прашање, што значи изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред самитот, дека Украина во моментов е поблиску до ЕУ од речиси сите земји од Западен Балкан и дека таа ги исполнува сите услови.

Ако клучниот услов е да се биде во војна, тогаш, со силна доза на суров цинизам, би заклучил дека начинот на кој Западен Балкан може да го забрза процесот на интеграција е да оди во војна. Само да се утврди кој е агресор, а кој жртва.

Не би сакал да му ја расипам прославата за Володимир Зеленски, но се повторува еден тажен и суров ритуал. Има земји кои се „во мода“, време кога Западот прави сè за да остави впечаток дека бескрајно помага некому да изгради демократија, а потоа едноставно заборава на тоа.

Светскиот циркус се сели. Да се сетиме на Босна, СР Југославија 2000 година, Авганистан, Ирак, Сомалија, Сирија… Излегуваа од „мода“ штом ќе се појави ново жариште. Циничен перпетуум мобиле. Залудно сега од Сараево ги потсетуваа Европејците во Брисел на нивното воено време, подраматично од украинското. Шансата е пропуштена. Кочијата помина.

Прашањето е до кога ќе се слушаат фанфарите од Киев кога војната, на овој или на оној начин, ќе заврши и ќе биде препуштена на преговори кои, како што гледаме, може да траат со години, па и со децении. Но, нема сомнеж дека руската инвазија донекаде ги потресе европските лидери и ги запрепасти бирократите на ЕУ. Стравот дека Москва би можела да ги активира тлеечките жаришта во Босна и Херцеговина и во Косово, повторно го стави регионот на радар. Но, тоа е целата „нова енергија“ за која се разговараше на самитот. Ако не го броиме повторувањето на зашеќерените фрази.

Излегува дека ЕУ нема ниту јасна визија ниту унифицирана политика на проширување, па крајно време е Европејците прецизно да дефинираат што сакаат и јасно да кажат. Ако тие го гледаат регионот во Унијата, како што повторуваа од самитот во Солун во 2003 година, тогаш дојде време да се разјасни што значи „политичката заедница“ на францускиот претседател Емануел Макрон.

Ако Украина и Молдавија се колатерални победници во војната, Северна Македонија и Албанија се колатерални жртви што сè уште чекаат отворање на пристапните преговори, иако, особено Скопје, успешно ги завршија сите подготовки и тврдам дека се во подобра состојба од предвоена Украина.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и министерот за надворешни работи на ЕУ Жозеф Борел креваат рамена: не можеме да ги предложиме Северна Македонија и Албанија, кои се во пакетот, бидејќи една земја блокира. Тие наведуваат дека принципот на донесување одлуки со консензус не е добро решение, кое одамна го констатирале во случаите со Унгарија и со Полска, но ништо подалеку од тоа, а и да биде, ќе треба време.

Се покажа дека Европејците не се труделе премногу да го решат проблемот. Иницијативата му ја препуштија на Макрон, истиот кој прв ги блокираше Северна Македонија и Албанија, презентирајќи предлог за нова методологија за проширување. Дури кога по самитот сфатија каква штета направиле, изгледа малку се вознемириле, па на Бугарија ѝ се заканувала изолација. Зарем не можеше да биде порано? Зошто прво се одржа панихида за Македонија, а потоа само беа посочени некои перспективи?

Бугарскиот парламент ѝ даде мандат на владата да го одобри францускиот предлог што би довел до укинување на ветото, но остануваат да се решат најмалку два сериозни проблема: првиот е дека нема влада во Софија, вториот е неподготвеноста на политичарите во Скопје да ги прифатат бугарските услови.

ЕУ повторно ги покажува лицата на Јанус. Макрон признава дека предлогот не е фер кон Македонија, но поддржува рамка што е неприфатлива за Скопје. Колку тој, без разлика на неговите советници, навистина ја разбира финесата на деценискиот и крајно сложен спор што задира во националниот идентитет: историја, јазик, култура?

Лично, запознав многу високи функционери на ЕУ чие знаење за земјите од Западен Балкан што ги посетуваат, се сведува на бедекерско знаење и на брифингот што го добија во текот на летото. Еден добар познавач на конфликтот Скопје-Софија никогаш не би го употребил терминот „Северномакедонци“.

Француското претседателство со ЕУ од утре ќе го преземе Чешка. Големото прашање е кога Прага ќе почне да се занимава со Скопје и со Софија. Ова секако не е приоритет за комесарот за проширување, иако е гладен за некаков успех. Неговиот премиер Виктор Орбан му пишува список од позадина, а Србија е на првото место на таа листа.

Додека Русите ја отстрануваат буквата „Z“ како актуелен симбол на војната, на вратата од Брисел на која тропа Западен Балкан сè уште пишува „Z“: Затворено. Секоја чест за албанскиот премиер Еди Рама. Имаше храброст среде Брисел да зборува за „измамничкиот дух на проширувањето“.

Северна Македонија беше брутално казнета. Зошто минува низ такво кошмарно патување? Прво ја блокираа Грците околу НАТО, потоа Бугарите околу ЕУ и на крајот Европејците преокупирани со Украина. Дали тоа повторно отвора простор Русија да маневрира нешто во позадина за да спречи поширокo обединување на Европа?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот