Големите деца на малите татковци

Уште еден поклон за нашите фудбалски деца. Вакви, какви што горат како факли на теренот, гарантирам, утре тие ќе се немерно подоблесни политичари и постамени домаќини! Тие ќе се нашите големи деца на денешните мали, недоволно пораснати татковци!

Нашите фудбалски момчиња ни даруваа радост. Нѐ направија горди. Така се искажува љубов кон Македонија. Да ѝ го издигнеш високо над главите името напишано на државното знаме. Да види светот дека умееме, и вака мали жеднееме за почит и простор. Ви благодариме! И не само за победата, туку и за вашата човечка големина. И за радоста што од земјата на Меркел ја испративте во оваа наша денешна смраченост! А ќе признаам, до последниот свиреж на судијата, срцето ми беше собрано до димензија на лешник.

Замислете, претседателот Стево Пендаровски да требаше да го состави државниот елитен тим за натпреварот со децата на Меркел?

Најнапред, тешка мачнотија – кој ќе е селектор. Кој ќе биде тренер. Па колкумина и кои ќе се негови заменици. Кој од нив ќе е прв заменик меѓу замениците. Па на колку јазици ќе е напишано името на носителот на дресот. Неговата боја ќе е исто така главоразбијна пречка. Па кој симбол да доминира – лавчето или орлето. Петокраката, за наша национална, сенародна и државна трагедија, со малоумието на аглестите црпки на  забегани во политиката, ја исфрливме како да беше безвредно копче на износено палто. А држава создадовме со неа.

Туку да се вратиме на вжештениот терен, иако со овој расположлив кадровски материјал, од многубројни политички играчи со две леви и многу скршеници во менталноста, тешко ќе се излезе, не на мегданот, туку и од соблекувалната. И уште, замислете ја трагедијата, судијата да нема двозвучно свирче што ќе може да го дешифрираат оние што ги разбираат само знаците за комуникација според Бадентер.

Да не должиме, ние, со ваков човечки распад, уште долго не ќе може да составиме репрезентација што ќе жнее победи. Дефектни сме според многу параметри на високоморалноста. Ќе немаме државен тим за настап на европски мегдани, политички олимпијади или светски цивилизациски натпревари. Толку е очигледно дека на многумина од политичарите им е изместен компасот во главите. Затоа, надежта е тука. Уште еден поклон за нашите фудбалски деца. Вакви, какви што горат како факли на теренот, гарантирам, утре тие соколи ќе се немерно подоблесни политичари и постамени домаќини! Тие ќе се нашите големи деца на денешните мали, недоволно пораснати  татковци!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот