Големиот пожар ја „изгоре“ државната неподготвеност за справување со кризни ситуации

Фото: МИА

Додека во Македонија беснеат петнаесетина пожари, се гаснат со лопати, со застарена противпожарна опрема или денски со водените „топки“ закачени на воените хеликоптери. И оваа година, за жал, надлежните и загрозеното население не можат да сметаат на трите „рр-трактори“ коишто од ланската година не се сервисирани.

Апокалиптични слики и очајни повици за помош вчера вечерта се гледаа и слушаа од Кочани, градот што го зафати огромен пожар. Тој пламна попладнето на ридот на Кочани и во него изгореа автомобили, покриви на 2-3 куќи, а пеплосани се и неколку помошни објекти. Изгорена е голема површина на борова шума. Пламените јазици буквално беа локализирани во последен момент, на само два метра од првите куќи од Кочани. Околу градот изгореа големи шумски површини, посебно кон селото Тркање. Главната битка со пожарот беше да се заштити складот на „Макпетрол“, бидејќи тој беше темпирана бомба, која можеше да направи голема штета, односно да отиде во неповрат целата Индустриска зона во Кочани и околните приватни имоти.

Пожарот во Кочани утрово беше локализиран и ставен под контрола, а во неговото гаснење, освен локалното население и пожарникарите, беа ангажирани и други припадници на територијалните противпожарни единици од повеќе градови во државата и од Армијата.

– По обиколката што ја направивме на локациите што беа зафатени со пожарот околу Кочани и Тркање, констатиравме дека нема опасност од негово повторно ширење, но на терен и понатаму ќе останат противпожарните единици за да ја контролираат ситуацијата. Сега приоритет ќе дадеме на гаснењето на огнената стихија во атарот на планинските села Костин Дол и Новоселани, каде што гори дабова и букова шума на неколку десетици хектари. Без воздушна поддршка таму е невозможно да се интервенира, поради што на терен веќе излегоа хеликоптерите на Армијата. Сакам да упатам благодарност до сите граѓани, особено на младите од Кочани, кои синоќа беа солидарни и масовно помогнаа да се спречи катастрофа околу градот, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Државата неподготвена

Пожарот во Кочани ја извади на виделина државната неподготвеност да се справи со вакви непогоди. Имено, додека во Македонија беснеат петнаесетина пожари, тие се гаснат со лопати, со застарена противпожарна опрема или денски со водените „топки“ закачени на воените хеликоптери. И оваа година, за жал, надлежните и загрозеното население не можат да сметаат на трите „ер-трактори“ што од ланската година не се сервисирани.

– Оваа година, постапката е започната многу порано, но, за жал, двапати е обжалена и поништена поради тоа што не може да тече под таков режим на околности и жалби, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути.

Според него, побарано е да се интензивираат преговорите и добиена е дозвола.

– Започнат е процесот, повикани се операторите и се надевам дека до крајот на неделата би имале активен договор со еден од операторите на јавната набавка. До октомври би ги имале во воздух некои од авионите. Не е секој од пожарите адекватен за да се интервенира со воздухопловно летало. Се создава перцепција дека секој пожар треба да се изгасне со авион или хеликоптер. Првично е скапа инвестиција, а притоа треба да се направи и процена, информира Максути.

Ограничени ресурси

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов изјави дека нема потреба од прогласување Кризна состојба во земјава на дел од територијата во земјава каде што има пожари.

– Благодарение на одлуката на претседателот Стево Пендаровски, можеме да ги користиме воените копнени сили и воздухопловите на АРМ. Вчера во Кочани се појави нов пожар што пламнал најверојатно од електричен дефект. Поради силниот ветар и сувата вегетација, пожарот со голема брзина се раширил во неколку различни правци. Кога ситуацијата стана сериозна, побаравме да се употреби хеликоптер, но тој веќе дејствувал во Старо Нагоричане. Како држава имаме ограничени ресурси. Без разлика која влада е, тие капацитети се ограничени. На температури над 38 степени не е безбедно да лета хеликоптер бидејќи се ризикува здравјето на екипажот. Дрвјата пак ќе пораснат, пак ќе се вратат, а загинатите нема да се вратат, нагласи Ангелов.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денес изјави дека разговарала со словенечкиот министер за одбрана Матеј Тонин, кој ја информирал дека Словенија ќе ги стави на располагање сите свои капацитети за гаснење на пожарите кај нас.

Денес започна увидот на состојбата со куќите и другите објекти што беа зафатени од пожарот кај Кочани за да може општинската комисија за проценка на штетите да изготви записник.

Министерството за здравство информира дека деветтемина жители на Кочани кои синоќа побараа лекарска помош поради вдишување чад како последица од пожарот се во добра здравствена состојба и сите се пуштени дома. Пациентите вчера вечер беа задржани во болница неколку часови и примаа кислородна терапија.

Додека во Кочани се утврдува штетата, од Дирекцијата за заштита и спасување известија дека активни пожари има во општините Старо Нагоричане, Македонски Брод, Кумановско и во Валандово.

Шумскиот пожар што зафати голема површина во атарот на селата Отошница и Радибуш во Општина Ранковце е локализиран, информираа од Јавното претпријатие „Македонски шуми“, подрачно шумско стопанство „Осогово“, Крива Паланка. Освен во Кочани, голем пожар беснееше и во Старо Нагоричане.

Заев: Бараме помош од Србија и од НАТО

Пожарите што ја зафатија земјата донесоа тешка илинденска ноќ, но благодарение на професионалноста и солидарноста на пожарникарите и на граѓаните и натаму немаме повредени или загрозени лица, напиша на својот фејсбук-профил премиерот Зоран Заев.

– Материјалната штета е нешто што со заеднички сили ќе го надоместиме, сега најголемата грижа на сите мора да ни биде безбедноста. Сите сили и капацитети на системот се ангажирани под прецизна команда на Центарот за управување со кризи. Утрово два хеликоптера интензивно учествуваат во гаснењето, а секој момент очекуваме да се приклучат уште четири, како помош од Република Србија. Во интензивна комуникација сме и со нашите НАТО-сојузници од регионот, кои се будни и подготвени да ни испорачаат помош согласно со условите на теренот. Во моментов се активни 13 пожари, повеќето се локализирани, Кочанско е под контрола, а поинтензивна борба со огнот се води околу Старо Нагоричане, каде што се насочени сериозни капацитети во гаснењето. Не одете во шумите, бидете внимателни и одговорни, заедно ќе ги надминеме овие пеколни предизвици, напиша Заев.

Воведена целосна забрана за движење во шумските предели

Поради зголемениот ризик од пожари од високите температури и портокаловата фаза со која е зафатен регионот, како и големиот број локални пожари што се активни на терен, на барање на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, Владата воведе целосна забрана за движење на Водно и на Скопска Црна Гора.

Од Град Скопје апелираат до сите граѓани да ја почитуваат забраната и да не се движат низ шумските подрачја во земјата, поради заштита на личната безбедност и поради спречување натамошно ширење на пожарите.

Истовремено, Владата апелираше до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите. Денес стапи на сила целосна забрана за движење во шумските предели низ Републиката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот