Големи разлики меѓу државите во старосната граница за примање на вакцината АстраЗенека

Фото: EPA-EFE/Remko de Waal

Владите ширум Европа поставија значително различни старосни граници за примање на вакцината против коронавирус на компанијата АстраЗенека и со тоа дополнително придонесоа кон конфузијата која извесно време владее во врска со нејзината употреба.

Откако бројни земји во претходните недели ја запреа употребата на вакицината на АстраЗенека после појавата на згрутчување на крвта кај мал број луѓе кои ја примиле, Европската агенција за лекови (ЕМА) вечера соопшти дека открила „можна врска“ меѓу тој производ и наведеното несакано дејство.

ЕМА сепак наведе дека користа од имунизација со таа вакцина и натаму е поголема од ризикот и не воведе ограничувања за нејзината употреба кај лицата постари од 18 години или повеќе.

Меѓутоа, упатството за тоа кој смее или не смее да ја прими вакцината АстраЗенека се разликуваат од држава до држава.

Во Шпанија таа вакцина смеат да ја примат единствено постари лица од 60 години, а во Белгија постари од 55.

Британските власти, кои, како и ЕМА наведоа дека користа од примањето на вакцината АстраЗенека ги надминува ризиците кај повеќето луѓе, препорачаа да не им се дава на помлади од 30 години кога е можно.

Владата на Австралија, меѓутоа објави дека вакцината АстраЗенека не треба да ја примаат помлади од 50 години.

Италијанските власти, кои првично ја наменија вакцината за луѓе на возраст под 65 години, синоќа го сменија ставот и најавија дека во иднина ќе им ја даваат на луѓето над 60 години.

По вчерашното соопштение на ЕМА, германската влада не ја смени препораката испратена на 30 март, според која вакцината АстраЗенека е ограничена на лица над 60 години.

Објавувањето на ЕМА влијаеше и на подготвеноста на граѓаните на ЕУ да ja примат вакцина АстраЗенека.

Хрватската влада објави дека секое четврто лице кое требаше да прими вакцина АстраЗенека денес не го искористи закажаниот термин.

И во Полска и во Франција, многу луѓе денеска се откажаа од вакцината.

Експертите стравуваат дека збунувачките пораки од земјите во врска со вакцината АстраЗенека може да го намалат ентузијазмот на луѓето за вакцинација, што не би било добро во време кога Европа сè уште се соочува со брзото ширење на вирусот.

Британскиот експерт Ентони Кокс, рече дека ризикот од „многу редок несакан ефект“ – формирање на згрутчување на крвта поради примање на вакцината АстраЗенека, е „многу мал“, пренесува Асошиејтед Прес.

„Тоа е еднакво на ризик да умрете од давење во када или авион што ќе удри во вашата куќа, тоа е толку редок ризик“, рече Кокс.

Други експерти истакнуваат дека е забележан еден случај на згрутчување на крвта на 100.000 дози вакцина АстраЗенека во Германија, а додаваат дека бројот е уште помал во Велика Британија.

Некои велат дека таблетите за контрацепција имаат поголем ризик од згрутчување на крвта отколку вакцината АстраЗенека, додаде АП.

Извор: Бета

Филипче: Вакцината на „Астра-Зенека” нема да се дава на лица помлади од 60 години

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот