Голема изложба на дела од Владимир Георгиевски ќе биде отворена во Музејот на град Скопје

Во Музејот на град Скопје на 7 декември, во 20 часот, свечено ќе биде отворена изложба на дела од еден од најзначајните македонски ликовни уметници – Владимир Георгиевски (1942-2017).

Делата на Владимир Георгиевски ќе бидат поставени во целиот расположив галериски простор на Музејот. Изложбата се состои од стотина дела на уметникот работени во ликовните техники масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел.

Владимир Георгиевски е роден 1942 година во Скопје. Во 1963 завршил Училиште за примена уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968 година. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ.

По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади „25 Мај“). Меѓу 1980 и 2012 бил професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектура во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предавал и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Бил професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.

Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројните театарски претстави и неколку домашни играни филмови.

Голем број негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Македонија и надвор од неа. Во периодот од 1977 година (1977, Белград; Скопје, Музеј на современата уметност) до 2016 година (2016, Скопје, Музеј на град Скопје) има реализирано дваесет и пет (25) самостојни изложби во Скопје, Белград, Виена, Истанбул, Рим, Киев, Санкт Петерсбург и Софија.

Изложбата во Музејот на град Скопје се реализира со финансиска поддршка на Град Скопје во соработка со легатите на уметникот. Куратор на изложбата е Емил Алексиев. За изложбата е подготвена и монографија за творештвото на Владимир Георгиевски (Издавач: Музеј на град Скопје; автор: Емил Алексиев; текст: Емил Алексиев и Никола Пијанманов).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот